Social day е ден кога младите луѓе заменуваат еден ден на училиште за работа која тие ја бираат, односно младите донираат дел од своето време и својата дневница за младински проекти. На 9ти Ноември 2022, по втор пат во нашата држава се реализираше Social Day.

Ден кога 90 средношколци беа дел од општествената промена и активистичко движење, каде што преку 8 часа работа на различни позиции овозможија промена и придонесоа кон остварување на проекти создадени од и за млади.

Ден кога 30 општествено одговорни домашни компании и организации се приклучија во формирањето на младинскиот фонд преку обезбедување на работни позиции за младите. Сите компании, организации и институции беа „ин“ и во чекор со младинската енергија и  доделија дневница за формирање на поголем младински фонд.

Токму ова се првичните сумирани резултати од SOCIAL DAY, кој по втор пат се реализира во Северна Македонија, спроведен од Здружение на граѓани Младите можат на 9ти ноември 2022г. На овој ден 30тина домашни компании и организации земаа учество и обезбедија позиции за над 90 средношколци, меѓу кои: Унет, Белина, Skala School, Граѓанска организација LEAD, Ит Лабс, Декра, Крик, Адвокатско друштво Трпеноски, Ултра, Себесложувалка, Europe House Скопје/Струмица/Крива Паланка, Бизнис Академија Смилевски, Sugar Cube Corner, Новус Струмица, Национален Младински Совет на Македонија, рудникот Бучим (Боров Дол), Македонски центар за меѓународна соработка, Фондација Конрад Аденауер, Канцеларија на Постојаната координаторка на ООН, Комерцијална Банка, Општина Бутел, Општина Центар, Бутик за венчаници Лебед, Together Македонија, АРНО.

“Денес мојата позиција е Асистент за дигитален маркетинг во Skala School. На почетокот на денот се надевав дека ќе имам вистински увид и пракса во тоа што значи да си дигитален маркетер. На крајот од денот, можам да кажам дека сите мои очекувања се исполнија. Се запознав со одговорностите и кои предизвици можам да ги очекувам додека работам. Работната позиција беше креативна, онака како што и очекував.“ – Теодора Тодорва, учесник на Social Day 2022 на позицијата Асистент за дигитален маркетинг во Skala School.

“Се запознав подетално со работата на општината, со кои предизвици се соочуваат и како се одвива еден работен ден во општина Центар. Сметам навистина дека Social Day е одлична можност за да видиме како практично се одвива некоја работна позиција за која сме заинтересирани.“ – Маја Трајковска, учесник на Social Day 2022 во одделението за животна средина во Општина Центар

“Благодарение на мојата позиција за време на Social Day, успеав да научам повеќе за пишување на проекти, концепт проекти, начин на аплицирање. Се запознав од блиску со работата на невладиниот сектор. Ова е одличен концепт, кој треба во иднина се повеќе да се практикува и поголем број на млади да се стекнат со вакво искуство.“ – Петар Мицкоски, учесник на Social Day 2022 на позицијата проектен асистент во Граѓанска организација LEAD.

“Многу сум среќна и благодарна што имав можност барем на еден ден да работам и добијам ново знаење и искуство кое ќе ми помогне многу во мојата кариера. Претставуваше голем предизвик за мене да работам во организација која има свои претставништва на секаде во светот, но од друга страна чувствував голема мотивација за успешно да ги завршам работните задачи.“ – Тамара Пунтеска, учесник на Social Day 2022 на позицијата службеник за човекови права во Канцеларија на Постојаната координаторка на ООН.

Во наредниот период се очекува да биде формиран младинскиот фонд и да се дознае колку ќе изнесува неговата парична вредност. Веднаш по тоа, следува отворање на повик за поддршка на младински проекти, на кој токму млади луѓе ќе можат да поднесат идеја за подобрување на одреден младински предизвик во нивната заедница и да добијат финансиска и менторска поддршка за реализација на нивниот проект.