Секоја заедница си има луѓе кои можат да си помогнат едни на други и да ни го направат животот подобар. Секако, и ти си дел од тие луѓе и можеш да помогнеш некому. Но, како да направиме систем во којшто ќе ги споделуваме нашето време, знаење и желба за да си помогнеме меѓусебно?

Временска банка претставува концепт кој им помага на членовите на заедницата меѓусебно да ги споделуваат работите што уживаат да ги прават, притоа користејќи го времето, наместо пари, како ресурс. Концептот е многу едноставен. Трошите еден час време за да му помогнете или да споделите знаење со некој друг преку вештините што вие ги поседувате, а за возврат заработувате кредит од еден час која оди во вашата временска банка. Сега вие можете да го потрошите заработениот кредит од еден час за услуга што вас ќе ви е потребна и можете да ја добиете од еден час од нечие време. Секој час се цени исто, без оглед на извршената услуга. Секој вид услуга може да се разменува за друга. На овој начин можеш да ги запознаеш твоите соседи подобро, да помогнеш на луѓе без разлика на нивната возраст, или економски статус.

На пример: Доколку потрошиш 1 час од твоето време за да помогнеш на твојот сосед при набавка на намирниците за исхрана за оваа недела, тогаш автоматски ти заработуваш 1 час којшто можеш да го потрошиш за конечно твој врсник да те научи да ја свириш твојата омилена песна на гитарата што ја купи пред 1 година, а сеуште фаќа прашина во ќошето од твојата соба. 

Временските банки во денешни услови, во значителен размер не би биле можни без дигитализација, поточно платформа која ги прибира сите информации за часовите што секој член на банката има потреба или може да ги обезбеди. Токму затоа, Младите можат за 4 дена ја лансира дигиталната платформа која ќе биде бесплатна и достапна за сите и која ги следи часовите што членовите на банката ги заработуваат и трошат. Следи го линкот, приклучи ни се во одбројувањето до лансирањето на првата платформа што нѐ поврзува со целата заедница на еден малку поинаков начин.

Денес се соочуваме со најразлични социјални и еколошки проблеми кои веројатно со текот на времето ќе растат во големината. Временската банка им овозможува на луѓето да бидат дел од решението како дел од заедницата засегната од овие проблеми.

Наместо да бидат пасивни приматели на тие услуги, корисниците можат да стекнат нови вештини, да градат нови врски и да станат агенти на социјална промена во својата заедница. Па така, во вонредни околности, овој механизам придонесува кон подобар квалитет на живот на два начини. Од една страна, овозможува брза мобилизација на човечки ресурси и капацитети за унапредување на јавното добро или помагање за решавање на итен социјален проблем на оние коишто им е најмногу потребно. Од друга страна, овозможува квалитетно искористување на времето, поттикнува развој на вештини, поврзување и придонес кон грижата за добросостојбата на целата заедница. Токму сега е времето да бидеме солидарни, да креираме механизми од кои целото општество ќе има корист. Токму сега е моментот да го инвестираме нашето време за да оставиме нешто што ќе биде долгорочно решение.

 

 


Проектот е подржан од Фондот за иновација и техонолошки развој (ФИТР) како дел од КРЕАТОНОТ наменет за идеи кои имаат за цел да ги олеснат условите за време на пандемијата настаната од Ковид-19. Истиот е имплементиран од Здружението на граѓани Младите можат.