[Повик за учесници] Онлајн работилница на тема: “Како менталното здравје ми стана приоритет?”

Не е секогаш лесно да објасниме како се чувствуваме…Зарем не? Нашите емоции, чувства, погледот кон нештата, па дури и кон самите себеси… Тие постојано се менуваат. Како би опишал што значи да бидеш ти? Или што се случува во твојата глава? Што е ментално здравје? Што е потребно за да го негуваш твоето ментално здравје?

 

Ситуацијата ни налага да се грижиме за нашето ментално здравје повеќе од било кога. Токму заради тоа како дел од изолацискиот #МаратонЗаМенталноЗдравје, објавуваме повик за учесници на онлајн работилница на тема “Како менталното здравје ми стана приоритет?” Работилницата е организирана во соработка со мрежата Y-PEER, во којашто Младите можат е организација членка.

Менталното здравjе е составен дел од здравjето, не постои здравjе без ментално здравје. Менталното здравје е повеќе од отсуство на нарушувања. Во општеството е широкораспространет митот дека менталното здравје е во голема мера биолошки условено и дека претставува непроменлива состојба. Меѓутоа вистината е дека всушност зависи од голем број на социоекономски, биолошки и средински фактори. Доброто ментално здравје е клучно за нашата способност да размислуваме, да ги разбереме, изразиме и регулираме емоциите, да градиме позитивни односи со другите, да се справуваме со предизвици и да уживаме во животот.

Но како да го постигнеме тоа во услови на изолација?

На оваа кратка работилница ќе имаш можност да слушнеш како твоите врсници се справуваат со изолацијата и се грижат за сопственото ментално здравје, ќе слушнеш совети како да одржуваш ментална хигиена. Членовите на Младите можат ќе го споделат сопственото искуство како врснички едукатори за ментално здравје, но и ќе одговорат на прашањето како менталното здравје им стана приоритет?

 

За кого?

Работилницата е наменета за сите млади од 15 до 29 години од целата територија на нашата држава. Поттикнати се да аплицираат сите млади и оние кои се грижат за менталното здравје и практикуваат здрави навики, но и за оние кои не толку успешно знаат како да практикуваат ментална хигиена за време на изолација.

Кога и каде?

Работилницата ќе се одржи на 9ти април 2020г. (четврток), со времетраење од 17.00 до 18.30 часот. На сите пријавени ќе им биде испратен линк на меил од дигитална платформа на која ќе биде одржана работилницата.

Како да се пријавиш?

Можеш да се пријавиш со пополнување на кратка контакт форма којашто е достапна на следниот линк, најдоцна до 09.04 (четврток) до 14.00 часот. Бројот на места не е ограничен, можност да ја следат работилницата ќе имаат сите заинтересирани млади.