[Повик за учесници] Младински лидерски иницијативи 4

Со околу 60 млади лидери позади нас кои го поминале овој проект и број на успешни иницијативи, и оваа година Младите можат ви нуди шанса да бидете меѓу следните 20 млади лидери на четвртото издание на „Младински лидерски иницијативи“!

7 дневното искуство со лични и тимски предизвици, самоевалуација, рефлексија, себе-запознавање и развивање на својот лидерски потенцијал ќе резултира со 3 месечен период за правење промена преку реализирање на иницијатива.

Целта на овој проект е да ги поттикнеме и инспирираме младите да станат свесни за својот лидерски потенцијал, да го развијат и да стекнат вештини за потоа да преземат акции во својата заедница. Истиот се реализира во две фази.

  1. Интензивен седум-дневен лидерски камп

Првата фаза подразбира учество на лидерскиот камп на кој учесниците ќе се здобијат со знаење и ќе искусат:

  • лидерство
  • себе-запознавање
  • самоевалуација
  • рефлексија
  • лични предизвици
  • тимска работа
  • тимски предизвици
  • граѓанско учество
  • детектирање општествен проблем
  • поставување цели
  • изработка на акциски планови
  • и секако дружба

Лидерскиот камп ќе се одржи од 24ти до 30ти август, 2019 г., а локацијата дополнително ќе биде објавена. Учесниците ќе откријат нова страна од себе, ќе го откријат потенцијалот во себе, ќе развијат вештини кои можеби не знаеле дека ги поседуваат и мотивирано со тимот ќе се соочуваат со втората фаза на искуството.

  1. Имплементација на три младински иницијативи

Во втората фаза (септември, октомври, ноември), три тимови кои ќе бидат формирани на лидерскиот камп ќе изработат акциски планови, ќе испланираат и ќе реализираат три иницијативи.

Во реализација на секоја иницијатива најважно е да има разбирање меѓу членовите на тимот, сослушување меѓу себе и секако посветеност – со еден збор тимска работа.

Една од поважните искуства од овој камп е токму значењето на тимската работа. Учесниците ќе имаат шанса да влијаат директно на некој проблем кој го лоцирале тимски. Со помош од искусни ментори, кои ќе им пружат поддршка и на личен и на тимски план, по завршувањето на кампот ќе ги совладаат сите предизвици пред нив.

Учесниците ќе бидат избирани врз основа на:

  • нивно досегашно ангажирање во заедницата,
  • визија за постигнување на промена во иднина, и
  • желба и подготвеност тимски и посветено да имплементираат лидерска иницијатива.

Повикот е отворен за сите млади од 16 до 22 години.

Доколку сметате дека ги исполнувате горенаведените критериуми Ве повикуваме да аплицирате со пополнување на апликацискиот формулар и негово испраќање најдоцна до 12.08.2019, 20:00. Кандидатите кои ќе влезат во потесниот круг на избор ќе бидат повикани на интервју.

Сместувањето, храната и материјалите за учесниците во Лидерскиот камп се покриени. Патните трошоци се на сметка на учесниците.

Доколку имате дополнителни прашања обратете ни се на [email protected].

Оваа активност е дел од „Младински лидерски иницијативи 4“, имплементиран од страна на добитникот на Наградата за младинско учество, Здружение на граѓани Младите можат, и е поддржан од Проектот на УСАИД за граѓанско учество.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *