Со околу 60 млади лидери позади нас кои го поминале овој проект и број на успешни иницијативи, и оваа година Младите можат ви нуди шанса да бидете меѓу следните 20 млади лидери на четвртото издание на „Младински лидерски иницијативи“!
7 дневното искуство со лични и тимски предизвици, самоевалуација, рефлексија, себе-запознавање и развивање на својот лидерски потенцијал ќе резултира со 3 месечен период за правење промена преку реализирање на иницијатива.
Целта на овој проект е да ги поттикнеме и инспирираме младите да станат свесни за својот лидерски потенцијал, да го развијат и да стекнат вештини за потоа да преземат акции во својата заедница. Истиот се реализира во две фази.
- Интензивен седум-дневен лидерски камп
Првата фаза подразбира учество на лидерскиот камп на кој учесниците ќе се здобијат со знаење и ќе искусат:
- лидерство
- себе-запознавање
- самоевалуација
- рефлексија
- лични предизвици
- тимска работа
- тимски предизвици
- граѓанско учество
- детектирање општествен проблем
- поставување цели
- изработка на акциски планови
- и секако дружба
Лидерскиот камп ќе се одржи од 24ти до 30ти август, 2019 г., а локацијата дополнително ќе биде објавена. Учесниците ќе откријат нова страна од себе, ќе го откријат потенцијалот во себе, ќе развијат вештини кои можеби не знаеле дека ги поседуваат и мотивирано со тимот ќе се соочуваат со втората фаза на искуството.
- Имплементација на три младински иницијативи
Во втората фаза (септември, октомври, ноември), три тимови кои ќе бидат формирани на лидерскиот камп ќе изработат акциски планови, ќе испланираат и ќе реализираат три иницијативи.
Во реализација на секоја иницијатива најважно е да има разбирање меѓу членовите на тимот, сослушување меѓу себе и секако посветеност – со еден збор тимска работа.
Една од поважните искуства од овој камп е токму значењето на тимската работа. Учесниците ќе имаат шанса да влијаат директно на некој проблем кој го лоцирале тимски. Со помош од искусни ментори, кои ќе им пружат поддршка и на личен и на тимски план, по завршувањето на кампот ќе ги совладаат сите предизвици пред нив.
Учесниците ќе бидат избирани врз основа на:
- нивно досегашно ангажирање во заедницата,
- визија за постигнување на промена во иднина, и
- желба и подготвеност тимски и посветено да имплементираат лидерска иницијатива.
Повикот е отворен за сите млади од 16 до 22 години.
Доколку сметате дека ги исполнувате горенаведените критериуми Ве повикуваме да аплицирате со пополнување на апликацискиот формулар и негово испраќање најдоцна до 12.08.2019, 20:00. Кандидатите кои ќе влезат во потесниот круг на избор ќе бидат повикани на интервју.
Сместувањето, храната и материјалите за учесниците во Лидерскиот камп се покриени. Патните трошоци се на сметка на учесниците.
Доколку имате дополнителни прашања обратете ни се на [email protected].
Оваа активност е дел од „Младински лидерски иницијативи 4“, имплементиран од страна на добитникот на Наградата за младинско учество, Здружение на граѓани Младите можат, и е поддржан од Проектот на УСАИД за граѓанско учество.