Летото е период исполнет со безгрижно дружење,  добра забава, но и на можности за мултикултурно учење. Летото е и нови можности за патување , запознавање на нови култури, религии и традиции.

Ова лето – можеби сè уште незавршено, за 30 млади луѓе од Европа  претставуваше една огромна авантура.  На 6 мај 2019 година, беше објавен повик за интеркултурна младинска размена од страна на младинската организација ,Младите можат поддржана од Европската комисија од програмата Еразмус+. Младинската размена “Equally Different”  траеше десет дена и се одржа во местото ,,De Weere”- Северна Холандија.  Учесниците  беа пречекани од страна на семејства – домаќини кои беа автентична  можност за подобро запознавање со холандската култура.

Преку најразлични забавни работилници и тимски игри  учесниците од трите земји – Република Грција, Холандија и Република Северна Македонија – успеаја меѓусебно да се запознаат и да развијат непосредна, отворена комуникација. Во  заеднички поминатите денови тие ја споделуваа радоста и чувството дека пријателставата што ги стекнале ќе траат уште многу долго.

Оваа младинска размена значително ми ги прошири видиците за грчката и холандската култура и ми ја даде можноста да научам многу нови работи за нивниот живот, обичаи и јазик. Без сомнение доживување кое нема да го заборавам.
– Јована, учесник на размената

Сепак, една од главните цели на оваа размена беше и претставување и афирмација на македонската култура. На организираните културни вечери младите успеаја да ги покажат и истакнат вредностите на нашата национална култура, како и да ги подготват македонските традиционални јадења , а воедно и да ја искусат грчката и холандската  традиционална храна  и да се запознаат со нивните обичаи.

Нешто што навистина беше посебно уживање , беа топлите прошетки низ тесните улички на Zaanse Schans. Ова место –  отворен музеј,  беше сликата за Холандија како земја на ветерниците. Овде групата можеше  да ги види оригиналните  ветерници и притоа, да  се запознае со процесот на изработка на познатите  дрвените холандски кломпи.   Уште повеќе, ова беше можност и да се проба вкусот на  над триесет видови холандски кашкавал. Возбудата беше најголема при еднодневната посета на прекрасниот Амстердам каде што младите имаа слободно време за фотографирање, прошетка и разглед на градот и  секако, познатата туристичката  тура низ долгите канали.

Вечерите во рамки на оваа програма имаа различна тема,  но и активности и слободни вечери за дружење со семејствата – домаќини.

Пресреќни и исполнети со голем ентузијазам, на учесниците на оваа програма им останаа  драги спомени. Сега, тие се подготвени за  нови авантури.