5ти по ред, традиционален Мотивациски викендВикенд наменет за мотивација, инспирација, вмрежување и успех. 24ти и 25ти ноември, 2018та година беа два дена наменети токму за овој настан, а салата Империјал во Македонската опера и балет повторно беше епицентар на повеќе од 180 млади кои имаа можност да го почувствуваат мотивацискиот пулс.

Целта на Мотивациски викенд уште од неговата прва реализација е да ги мотивира младите да работат на себе, на приватен и професионален план, преку успешни луѓе кои ја споделуваат својата приказна за досегашните успеси и падови и работилници за личен и професионален развој. И оваа година одржавме викенд исполнет со инспиративни говори, корисни и интерактивни работилници, со млади кои сигурно чекорат по патот кон успех и себереализација и со забрзан мотивациски пулс како никогаш до сега.

И оваа година модератор на настанот беше нашата драга пријателка и соработничка Александра Илиевска. На првиот ден од Мотивациски викенд 5 прва на сцената случајно, но симболично излезе првата Македонка на врвот на светот Илина Арсова која на основа на своите искуства им објасни на младите дека „Вистинскиот успех не е само да се искачиме на врвот туку и безбедно да се симнеме долу, да се вратиме дома и повторно да целиме кон нови успеси. Врвот е пола пат до дома, а патем врвот станува почетна точка до нови врвови.“ По Илина, следен говорник кој ја пренесе својата животна приказна и ги насмеа сите присутни со своите зборови беше Михајло Димитриевски попознат како Тхе Мичо, илустратор и човек кој црта чудовишта. Многумина го знаат како црвенобрадестиот витез и уметник од Битола а тој за себе вели дека се што направил во животот е да не се откаже од својата страст кон цртањето. Стремете се секогаш да бидете среќни и исполнети со тоа што го правите, а пред се бидете добри луѓе за другите да не Ве избегнуваат и да создавате многу пријателства и контакти порача Мичо. Од хумористичната приказна на Мичо преминавме кон приказна која понуди потрезен поглед на младите. Ѓорче Ставрески, режисерот и сценарист на „Исцелител“, сподели дека за реализација на филмот и исполнување на својата цел морал да надмине два од своите најголеми стравови – да лета и да комуницира со многу луѓе. Неговата порака за присутните млади беше дека „Понекогаш неризикување е најголем ризик. Ризикувајте, преземајте испланирани и паметни ризици. Неправдите претворете ги во креативна мотивација.“

Следно на агендата беше кратката пауза која младите ја искористија да продискутираат за кариерата и успесите со првите тројца говорници и помеѓу себе, а потоа одбраа да учествуваат на една од двете симултани работилници согласно нивните интереси. Александра Јанакиеска од Brainster ги воведе во „Маркетинг на социјални мрежи“, полето на работа кое таа го владее, преку голем број на примери, прашања и интеракција со нив за на крај да ги испраша преку краток квиз колку научиле и на најуспешните 5 да им додели ваучери за Pop-Up курсеви во Brainster. На вториот кат од Македонската опера и балет, Филип Манојловски од Колеги&Колешки на младите им ги претстави 11те чекори на „Elevator pitch“ и ги предизвика да смислат свои говори. 6 храбри млади успејаа да ги одржат своите говори и исто така да освојат бесплатна обука во едукативниот центар Колеги&Колешки.

Возбудени и со концентрација на високо ниво за новите знаења кои ги стекнаа, младите ја слушнаа и приказната на Дејан Џолев, филмски режисер, визуелен уметник и основач на „Џолев и уметностите“, кој совршено се вклопи во атмосферата во која се дискутираше образованието во процесот на растење и бирање кариера. Од ученик со просек 2.9 во средно училиште Дејан им ја откри тајната за тоа како подоцна станал студент на генерација на факултет, „Сите поседуваме таленти, задача на образованието е да ги открие и развие. Откријте го вашиот талент, стимулирајте го. Следете ја вашата интуиција и секогаш бидете љубопитни, како деца! Фокусирајте се и посветете се на она што навистина ве интересира.“   Последна на мотивациската сцена за првиот ден, но исклучително инспиративна за присутните млади беше Ира Бабиќ, сопственик и директор на Brand Union. Таа им потенцираше на младите дека „Единствената константна и сигурна работа во животот е дека постојано ќе Ви се случуваат промени. Прифатете го ова и научете да живеете и да ги решавате работите во од.“

Вториот ден од Мотивациски викенд 5 понуди подеднаква доза на мотивација. Стефан Митров – основач на M3DS Академијата за 3D и Game Design беше наш прв говорник кој им даде и една нова перспектива на младите. „Не мора да значи дека секогаш ќе го сакаме тоа што го правиме. Тоа што е важно е да бидеме доследни кога ќе си ја поставиме целта“, а на ова додаде и дека „Ми велеа многу пати маваш со глава во ѕид, ама до сега сите ѕидови сум ги скршил“. Задржувајќи го младиот дух и храброста во атмосферата, следна на сцената се појави Драгана Гунин, театарска режисерка која гласно им кажа на младите „Немојте да си ги кршите крилјата, иако многу луѓе ќе се обидат да Ви го направат токму тоа“. Пред паузата, го слушнавме и Горјан Стојановски, основач на OutletON кој ги мотивираше младите да пробуваат нови работи, а не да седат и чекаат да сфатат што ги прави среќни. Тој порача дека „Животот е маратон, а најважното прашање е како да најдеме начин да останеме долгорочно мотивирани. За да останеме во трката секогаш е потребно да ја бркаме среќата.“

По кратката но ефективна пауза, младите се упатија кон двете работилници кои беа во агендата за тој ден. На оние кои беа љубопитни „Како од парите да направат пари“  Билјана и Симона од Илирика Фонд им нагласија „Преминете од „што сакам“ во „што ми треба“. Дополнително, поделени во три тимови тие имаа можност да работат на реален проблем и да изменаџираат лични финансии. Симултано на оваа дискусија, Бојан Коскаров од Creative Hub на младите во Империјал салата им ја објасни темелно разликата помеѓу АТЛ и БТЛ медиуми и на прашањето дали по работилницата тие знаат што е концептот на „Маркетинг 360’’ тој доби едногласно ДА од нив.

По работилниците, како претпоследен говорник на сцената се појави Љубомир Стојчески – основач и сопственик на Фрешис. Тој порача дека „Многуте проблеми во нашето општество исто така се и многу шанси да ги решиме и да се развиеме“ а на ова се надоврза и Marc De Jongh мастер шеф во Брза кујна, основач и еден од членовите на Националната асоцијација на готвачи на Македонија и воедно нашиот последен говорник за ова издание на Мотивациски викенд. „Успех е голем збор, но можеш да кажеш дека си успешен и во нешто целосно секојдневно. Кога го правиш и работиш тоа што го сакаш, луѓето околу тебе ќе го чувствуваат тоа“ беше неговата порака за младите.

5ти пат по ред Младите покажаа дека можат и дека никогаш не треба да се откажуваат од своите цели и сништа во животот, а организацискиот тим е мотивиран како никогаш до сега за следна година, по 6ти пат да подготви уште подобар и поголем Мотивациски викенд.

Мотивациски викенд 5 е поддржан од најголемата германска фондација за млади Schüler Helfen Leben, а кон неговата успешност придонесоа и Добра вода, Витаминка, Виталиа, Скринпринт, Нескафе, Пивара Скопје и Ред бул.