[Повик за ментори] Формирање на база на ментори на Младите можат

Младите можат се во потрага по млади ентузијасти кои се подготвени да работат во флексибилна и динамична средина исполнета со позитивна енергија!

Дали уживаш да бидеш дел од промената? Дали ти претставува задоволство да работиш со млади луѓе и да придонесуваш кон нивниот личен развој? Ако имаш позитивен одговор на овие прашања тогаш овој повик е посветен на тебе!

Младите можат распишува повик за 5 ментори, коишто ќе бидат дел од базата на ментори на организацијата во текот на 2019та година. Работата на Младите можат се базира на принципот на врсничко и искуствено учење. Целта на креирање на базата на ментори е да обезбеди постојана поддршка, развој и поддржувачка средина за членовите и корисниците на активностите на Младите можат. Менторите ќе бидат ангажирани во текот на 2019та година во зависност од активностите на членството на Младите можат и потребата од вклучување во проектните активности на организацијата.

 Што е менторство?

Менторство е процес на давање на поддршка и совети на индивидуи или групи со цел да ги осознаат начините на кој можат да го подобрат своето работење и начинот на фукнционирање.

Менторството во Младите можат не е начин за да и се наметне и каже на групата како да ја постигне целта. Менторството е градење на однос со групата и индивидуите каде што менторот ја поттикнува групата самата до дојде до решението за остварување на целта.

Менторот треба да биде целосно посветен на групата и да ги става нивните потреби пред своите.

Критериуми за ментор:

  • Да си младински работник на возраст од 18 до 30 години;
  • Да имаш минимум две години искуство во работа со млади со посебен фокус на менторирање на индивидуи и тимови;
  • Да имаш мотивација за континуиран личен и професионален развој;
  • Да размислуваш “надвор од кутијата”;
  • Да демонстрираш позитивен став кон работата и да делуваш како позитивен пример на останатите.

Што се очекува од менторот?

При менторирање на иницијатива менторот треба да ги поттикне лицата:

  • Да се стекнат со нови знаења;
  • Да добијат увид во секојдневното работење во одредената област,
  • Да можат да ги идентификуваат своите предности и слабости;
  • Да стекнат поголема самодоверба;
  • Да развијат нови вештини за работење;
  • Да ги зајакнат меѓучовечките односи во тимот

Менторите за време на менторскиот ангажман се должни:

  • Да присуствуваат на состаноците на групата;
  • Да одржуваат редовна комуникација;
  • Да одржуваат еден-на-еден состаноци доколку е потребно;
  • Да изготвуваат месечни извештаи за својата работа до Извршната канцеларија.

Прв чекор по креирање на базата на ментори на Младите можат е присуство на тренинг за градење на капацитети на менторите. Овој тренинг се состои од 3 модули на обуки, кои ќе бидат спроведени во текот на месец март. Прва активност во која ќе бидат ангажирани менторите е поддршка на учесниците на проектот “YOU(th) CAN DO IT BETTER!”. За оваа активност е предвиден симболичен паричен надомест.

Начин на аплицирање:

Рокот за аплицирање истекува на 15.02.2019 (23.59). Во процесот на селекција, подобните кандидати ќе бидат повикани на интервју. Изборот на 5 ментори кои ќе бидат дел од базата на обучувачи на Младите можат, ќе биде направен од страна на тимот на Извршната канцеларија.

Повеќе информации околу начинот на менторство во Младите можат, прочитај на [Водич] за избор на ментори и менторирање на организацијата.

Доколку уште нешто сакаш да прашаш, слободно обрати ни се на [email protected] или на 078 31 39 31.

Процесот на креирање на база на ментори на Младите можат е дел од проектот “YOU(th) CAN DO IT BETTER!”, имплементиран од Младите можат, а поддржан од најголемата младиска германска фондација Schuler Helfen Leben.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *