Искуство на Симона во Младите можат

Граѓански активизам? Младински иницијативи? Лидерство?

Стварно врска си немав за ниеден од поимиве. Почеток на 2014-та. Ми беше втор настан на кој волонтирам како дел од организациски тим. Се имавме пријавено со неколку другарки со цел да пробаме нешто ново. Се чувствувавме баш посебно со новата улога на „рецепција“ – односно одговорни за списокот за присутни! Имавме дури и акредитации! Колку кул!

Претходно, на првиот настан на кој волонтирав (крај на 2013-та), имав шанса да се запознаам накратко со мноштво на граѓански организации. Дотогаш имав слушнато само за една. Имаше две нови кои ептен ми се допаднаа, а 6 години подоцна сум активна и во двете. Едната од нив е секако „Младите можат“.

Каде почнува мојата приказна со Младите можат? Токму од вториов настан што го спомнав. Волонтерка која ја запознав таму, набргу потоа ми испрати повик за учество на работилница за меѓуетничка толеранција организирана во рамки на проектот за волонтирање на Младите можат – Make a change be a volunteer 1. Не бев многу запознаена со темата, но ми звучеше интересно и бев возбуденa бидејќи повторно ќе се вклучам во нешто ново. Како беше на работилницата? Уште поинтересно и повозбудливо. Дознав дека и јас сум можела да се вклучам во проектот следна година и јас да организирам нешто свое! Ептен се израдував!

Идејата дека можам и јас нешто свое да си организирам очигледно добро се имала сместено и развиено во мојот ум, бидејќи уште пред да се вклучам во Make a change, be a volunteer 2, некако спонтано и наивно јас всушност организирав свој настан на кој говореше психолог, а поканата да присуствуваат на настанот ја прифатија мои 15-тина пријатели и познаници и беа учесници на работилницата на тема „Испитна анксиозност“. Сосема несвесна дека ретко кој го прави ова самоиницијативно или пак дека претставува некоја форма на активизам.

Следна моја активистичка дестинација беше Make a change, be a volunteer 2. Во рамки на проектот, се спроведуваа неколку викенд-обуки за учесниците пред да се продолжи со спроведување на три младински иницијативи. За време на еден од викендите се бираа темите за иницијативите. Мислам дека денот пред можноста да се споделат идеи за иницијативи ми беше еден од највозбудливите, најнеизвесните и најнетрпеливите… Неколку години пред овој проект имав прочитано книга за емоционална писменост која навистина ми ги имаше променето перспективите за некои работи. Како дел од учесниците на проектот имав голема желба токму јас да направам нешто во насока на промоција на концептот на емоционална писменост и неговата важност. Сето слободно и неслободно време дента размислував како да им го доловам и на останатите учесници тој концепт и неговата важност за на крај да биде изгласан за една од трите теми за иницијативи. Не знам како воопшто успеав да заспијам покрај толку возбуда. Мислам дека и сега додека го пишувам текстов можам да ја почувствувам. Spoiler alert: емоционална интелигенција/писменост беше изгласана за една од трите теми за иницијативи во конкуренција на 20-тина други можни теми. Wohoo!

Маке а change, be a volunteer 2 беше и првата прилика во рамки на која ја преиспитував тимската улога во која се гледам себеси. Првпат освестив дека да, јас се гледам себеси како лидер зашто лидерот не шефува и наредува туку придонесува кон тоа тимот заеднички и синхронизирано да ја постигне својата цел. Низ еден процес на вклученост на секој член од тимот, на поттикнување и охрабрување на секој член од тимот да ги искористи своите максимални потенцијали: преку излегување од својата комфорна зона и соработка со останатите, а со цел остварување на некое поголемо добро. Оттогаш натаму една од клучните точки на личен развој за мене беше токму тоа, да станам што подобар лидер.

Во текот на изминатите 5 години (2014-2019) ја имав прекрасната можност да бидам тим лидер на уште 5-6 младински иницијативи, да менторирам дополнителни 2, да станам врснички едукатор и ментор на врснички едукатори, како и да се најдам во улога на истражувач на теми значајни за младите во нашето општество.

Што ли научив низ сите тие искуства за кои сум преблагодарна?

  1. Нема подобро нешто од тимска работа.
  2. Отворената комуникација е неопходна за квалитетна тимска работа.
  3. Фидбек (повратна информација) – ако е конструктивен и искрен, е најзначајниот нематеријален подарок што можеш да го добиеш.
  4. Личниот развој не е праволиниски.
  5. Секогаш вклучувај ги сите засегнати страни.
  6. Не е успех да ги избегнеш конфликтите, бидејќи се неизбежни и ќе се случат без разлика дали ќе бидат вербално изразени. Успех е да се воочат и прифатат конфликтите (различните мислења) и да се разрешат и искористат за конструктивна цел.
  7. Славење на малите победи и уважување на својот и туѓиот труд (не мора секогаш да резултира со некаков си успех) е од особена важност.
  8. Делегирање на задачи не е страшно, туку неопходно, како и имањето на доверба во останатите членови на тимот.
  9. Не секој член на тимот придонесува на ист начин и не сечиј придонес е јасно видлив.
  10. Не постои само еден правилен начин на функционирање.
  11. Постои повеќе од една страна на приказната.
  12. Тимбилдинг е buzzword со причина.

Најинспиративниот момент е што низ новите искуства добиваш можност да сфатиш колку многу си научил од претходните, а во исто време да откриваш и уште колку многу имаш за учење ^_^

Во следниот период можете да ме најдете како учам за некој од последните испити и дипломската или на средба со едукаторите за ментално здравје како нивен ментор.

До следно читање или дружба!

Оваа активност е дел од проектот „Млади на иста фрекфенција“ кој има за цел подобрување на видливоста, транспарентноста и отчетноста на Здружение на граѓани Младите можат преку воспоставување на долготрајни механизми кои ќе овозможат зајакнување на организацијата во независен и влијателен актер во граѓанското општество.
Мислењата што се изразени овде им припаѓаат на авторите и не ги одразуваат ставовите на МЦМС и Европската Унија.

Овој проект е дел од програмата „Одржливо граѓанско општество: државно финансирање на граѓански организации“ која ја спроведува Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС), Балканската мрежа за развој на граѓанското општество (БЦСДН) и Центарот за информирање, соработка и развој на граѓанските организации од Словенија (ЦНВОС).

Проектот е поддржан од Европската Унија.