Велев „не!“. Ечеше моето „престани“. Со сиот глас барав помош, а така сè повеќе се гушев. Бев немоќна. Сите мои сетила беа обземени, задушени моите крици, надмината мојата сила.
Лежев така, со затегнати мускули од болка. Толку солзи да ја потопат и големата Шара, но не и доволно да ја згаснат експлозијата во мене. Последните сили ги потрошив велејќи „остави ме веќе, те молам“. Последната надеж замина со мојот последен крик. Потоа молкнав, се препуштив. Дозволив да ме обземе целата, така ја загубив мојата последна битка. Битката против демоните во мене, битката која ја водев проти самата себе. Така јас се силував себе си. Се силував со бескрајни уништувачки мисли. Гласни и силни го поразија мојот кревок дух, ја стишија дури и мојата желба за живот која дотогаш ечеше. Сега замолче, потклекна, го прифати својот пораз и замина. Таа со себе зеде сè што остана од мене. Го зема мојот здив. Го зема мојот живот.
Така заврши мојата приказна. Мојот силувач бев јас, депресијата во мене. Таа одвратна состојба која брзо издвојуваше победи во мојот мозок. Во таа војна жртвата бев јас. Секоја нејзина победа во битките оставаше трага, линија, на моето тело. Крвта што течеше не беше доволна, брзо засируваше. Но, тоа не беше доволно. Таа секогаш сакаше повеќе. Битка по битка ја освои војната. Ги слушав нејзините зборови, рече „откажи се малечка, тоа е најдобро за сите, спаси ги нив и спаси се себе“. Ме контролираше како фигура во куклен театар. Лесно чекорев со сечилото во раката. „Погледни за последен пат, остави ги да живеат среќно овде без тебе“. Од каде оваа енергија? Со брзи чекори влегов во кадата. Мускулите постепено се опуштаа во ладната вода што течеше како да се наоѓав во топла купка. Дишев споро. Чукањето на срцето одекнуваше во моите уши, како тајмер пред да пукне бомбата. Три, два, еден… Капна првата капка. Наскоро крвта потече како брза река. Рез по рез, местото брзо отрпна. Скоро па и да не чувствував болка, сечилото поминуваше лесно врз мојата рака. Во тој момент не чувствував ништо. Дотогаш не сум имала такво празно, а толку задоволувачко чувство. Почувствував мир. Ги спасувам сите, си реков. Ова е најдоброто – така ме научи таа. Ме убеди да кренам бело знаме. Тука е крајот. Повторно таа, со нејзиниот последен удар направи таква рана што крвта веќе не престана да тече. Не засири. Црвенилото целосно ја обои водата, се разлеа по плочките, а јас само тонев. Полека, но сигурно. „Ова е крајот“. „Заврши“. Помислив тоа е, спасот пристигна. Сите звуци молкнаа, настапи тишина. Светлината исчезна.
Така драги мои се уништив себе си. Самоубиството можеби ви личи како избор, но во нашиот ум не е. Толку многу болка, толку многу рани што тоа е единственото нешто што можеме да го направиме.
Добро е да се знае, смешни ли се сега вашите шали и подбивања? Каде потонаа сега сите ваши ветувања? Што се случи со вашата љубов и поддршка? Ме подобрија ли како личност вашите критики? Дали се неважни во овој момент сите ваши зборови? Пријатно ли е сега чувството? Дали ви е товар и кога фрлате земја врз полниот гроб? Дали ви е тешка таа грутка земја како што ви е тешко да си ги задржите вашите ужасни мисли? Колку сметате дека сте паметни и досетливи кога бирате венец, како кога со вашите болни коментари ги забавувате останатите? Тоа што не јадев мамо е заради линијата. Или поточно лините кои го красат моето тело. Разбирате ли сега зошто се тие цртежи по рацете, многубројните алки или долгите ракави?
Сепак, вредеше ли бабо да се жртвуваш за мене? За личност која е губитник, личност која е поразена. Вредат ли сите потрошени утешни зборови сега? Вредеше ли воздухот кој го трошев и раните кои ги направив? Го проколнував денот кога се родив. Секогаш кружеше прашањето зошто?
Одговорот не го најдов.
Тишината ја прекина звукот од амбулантното возило. Ги осетив нерамнините на патот по кои се движеше тоа. Го слушав неговиот плач. Ме праша зошто го направив тоа. Прашуваше зошто го прекршив моето ветување. Но, тој не знаеше, тој беше единственото светло во мојот живот.
Единствен кој го држеше нејзиното срце во целост. Но, тоа сепак се распрсна. Ја притисна неговата рака, „извини, заборави ме…“. Апаратите почнаа да даваат чудни звуци. Таа ја изгуби свеста. Докторите со сета своја сила се обидуваа да го вратат нејзиниот пулс. Настапи тишина. Во нејзиниот ум и во возилото. Замина. Докторите ја завршија нејзината порака „… те сакам“.
Со таков неславен крај згасна животот на младата девојка. Колку ли само беше повредена и разочарана па реши да одигра таков смртоносен потег кој ја заврши битката наречена живот. Се предаде, и сè изгуби. Но, изгубија и тие што ја направија таква, тие што ја натераа да заврши на тој начин. За жал, згрешија само една работа, наместо да ги „убијат“ своето его и самоволие, тие ја убија неа. Гордоста, како почеток на секое зло во светов си го направи своето и си ја зема својата долго мачена жртва.
Сега седнете и замислете си дека сте вие во нејзина ситуација? Гледате решение, гледате спас? Можете да го пронајдете, но верувајте ќе ви требаат нерозеви очила со десеткратно повеќе диоптрија од нормалата. Мислите таа е единствената? Напротив, бројот на такви како неа е поголем од бројот на влакната од вашата коса. А сега, престанете да замислувате. Разбудете се, земете го вашето оружје и упатете се кон гордостаи конечнода ставиме крај на сето тоа. Нека вашето оружје биде милоста и љубовта. Бидете наоружени до заби со сочувство и разбирање. Овој пат победуваме.
Nessuna resa!
—
Прочитајте ги сите есеи од конкурсот „Хакирај-Превенирај!“ на линкот.
0