Social Day, добро познат концепт во нашата држава кој по втор пат ќе овозможи општество во кое младите се лидери на сегашноста и иднината.
На 9 Ноември 2022г. Social Day ја продолжува својата мисија. Овој пат, во Скопје, Штип, Битола и Охрид ќе се оствари соработка помеѓу младите и бизнис заедницата. Од една страна младите ќе бидат дел од општествената промена , а од друга страна бизнис заедницата ќе биде „ин“ и ќе додели дневница за поголем младински фонд.
Идејата е едноставна, младите луѓе заменуваат еден ден на училиште за работа која тие ја бираат, односно 300 млади донираат дел од своето време и својата дневница за да бидат поттикнувачи на општествена одговорност, развој и солидарност за реализација на младински проекти во нашата држава.
Како организација целиме да им овозможиме на младите луѓе да станат активни, независни, способни и решителни граѓани кои веруваат дека можат самостојно или здружено да учествуваат и влијаат во позитивните промени и развојот во општеството. Младите се катализатори на промени чиј потенцијал треба да се охрабрува, пред се од нивните заедници. Нашата мисија е да ги подготвиме младите за лична позитивна трансформација, да придонесеме кон општество во кое младите се двигатели на промена за слободно и одговорно инклузивно општество. Преку програмата за имплеметација на Social Day сакаме да видиме ангажирани заедници, соработка помеѓу државните институции, граѓанските организации и бизнис секторот, поддршка од родителите, врсниците, наставниците, младинските работници и кариерните работници кои креираат овозможувачки и поддржувачки средини за младите. Веруваме во млади коишто размислуваат глобално, но делуваат локално, млади кои имаат развиено чувство за солидарност, млади кои го инвестираат своето време за подобрување на состојбите во својата заедница, млади кои веруваат во одржлив свет.
За време на Social Day 2021 докажавме дека преку еден проект може да се постигне активно граѓанство, солидарност, волонтирање, кариерен развој, општествена одговорност, младински фонд, поддршка, соработка и одржливост.
Social Day 2021
Ден-10ти ноември 2021г. кој за прв пат ги обедини младите и возрасните во нашата земја.
Ден кога 80 средношколци од Северна Македонија стекнаа искуство за работата која отсекогаш ја посакувале, а истовремено се ангажираа во заедницата за да им овозможат на своите врсници подобра положба во земјата.
Ден кога 30 општествено одговорни домашни компании и организации обезбедија работни позиции за младите и донираа време, знаење и финансиски средства за доброто на младите. 95,000 денари изнесува младинскиот фонд креиран преку соработка на младите и возрасните, кој придонесе за спроведување на младински проекти.
Токму ова се главните резултати од првиот SOCIAL DAY во Северна Македонија, спроведен од Здружение на граѓани Младите можат на 10ти ноември 2021г. На овој ден 30тина домашни компании и организации земаа учество и обезбедија позиции за над 80 средношколци, меѓу кои: Центар за Младински Активизам Крик, Ултра, Фондација Фридрих Еберт, кафуле СКУП, Македонски центар за меѓународна соработка, Кодит Солушн, Приватна агенција ДЕКРА , ИТ Лабс, Фондација Конрад Аденауер, козметичко студио Тропик Белеца, ЛЕАД Скопје, Бизнис академија Смилевски, ЕУРОНИКЛ – Кавадарци, ПЗУ Аптека ДНА АННИ ФАРМ, Национален Младински Совет на Македонија, РЕСОРТ МАВРОВО, Ултранет, Микел, Тинекс маркети, Рудник Бучим Радовиш.
Искуства Social Day 2021
Како ќе го реализираме?
1.Регрутирање на млади кои ќе имаат желба да ја шират идејата позади денот
Во оваа фаза креираме тим од 60 млади промотери од 4 различни градови низ нашата држава; Скопје, Штип, Битола и Охрид, кои сакаат да промовираат солидарност и активизам помеѓу нивните врсници. Тие поминуваат циклус на обука каде што се развиваат нивните комуникациски и презентациски вештини, се поттикнува нивниот активистички и волонтерски дух, додека во меѓувреме тие се оформуваат како тим кој ќе работи на промовирање на солидарноста и активизмот помеѓу младите во Република Северна Македонија.
2.Кампања за промоција на Social Day
Во текот на целата програма се спроведува кампања за промоција на идејата и вредностите на денот, зошто го правиме, како истиот е корисен за младите и се споделуваат успешни приказни од младите кои биле дел од Social Day 2021. Целиот процес се спроведува преку социјалните мрежи но, по завршување на обуката на младите промотери кампањата се проширува со дополнителна peer to peer промоција која им овозможува на младите соодветно да го изберат посакуваното работно место за Social Day.
3.Соработка со компании и институции
Паралелно, додека се спроведува кампањата за младите кои ќе се приклучат на денот, се склучуваат соработки со компании и институции кои имаат желба да ја подобрат состојбата на младите и да ја исполнат својата општествена одговорност. Во текот на целиот процес ние заедно со нив соработуваме и формираме стратегии за начинот на кој што тие ќе ги овозможат работните места.
4.Social Day
Конечно доаѓа денот кој што сите го чекаат, втората среда во месец Ноември, во 2022 година тоа е 9 ноември, денот кога младите наместо на училиште ќе одат на работа и 8 часа во текот на денот ќе ги посветат кон промена во општеството. Својата дневница ќе ја донираат во фондот за младински иницијативи. Но, не завршуваме тука.
5.Младински инцијативи
Во меѓувреме, додека вие се спремате за новата работа или пак ја спремате канцеларијата за младото лице кое ќе дојде во вашата компанија, ние отвараме повик за младински иницијативи кои ќе имаат за цел да ја подобрат состојбата на младите во Република Северна Македонија. Преку отворениот повик заедно со членовите на Младите можат ќе одбереме најмалку 3 младински инцијативи кои мислиме дека најдобро ќе придонесат за подобрување на положбата на младите во нашето општество.
И последната фаза – се спремаме за наредна година!
На кој начин можеш да се приклучиш
Понудени позиции за Social Day 2022