На 15ти Декември се одржа јавна расправа за тема Закон за младинско учество и младински политики. Претставници на три скопски општини беа запрашани Што е до сега направено и што планираат новите градоначалници да направат во наредните 4 години?

За време на јавната расправа сите присутни млади имаа можност да согледаат колку законот за младинско учество и младински политики е во фокусот на новите градоначалници на општините Аеродром, Гази Баба и Кисела Вода.

Општината тоа што мора да го понуди е соодветно користење на буџетските средства кои што се димензионирани за младите. Тие средства треба да ги трошиме на начин на кој создаваат ефекти. Јас сум убеден дека општината тоа што може да го направи е да изгради инфраструктура, да обезбеди добра локација и да соработува со младинските заедници, бизнис заедницие и академските заедници.- вели градоначалникот на општина Аеродром, Тимчо Муцунски.

Со радост можам да кажам дека општина Гази Баба е прва од скопските општини која што има започнето постапка за формирање на локален младински совет, чија што цел е сите млади луѓе да бидат вклучени во процесот за донесување на одлуки.- истакна градоначалникот на општина Гази Баба, Бобан Стефковски

Младите се важен чинител во нашето општество, и како такви општина Кисела Вода силно го вреднува нивниот потенцијал. Новото раководство на општината е во фаза на подготовка на повторно формирање на совет за млади, кој ќе ги застапува правата на младите лице и ќе ги делегира нивните потреби. Младинскиот совет ќе биде во тесна соработка со советот на општината.– изјави претставник од општина Кисела Вода, Павлина Рибарска.

Во изминатиот период се повеќе се отвара темата за законот за младинско учество и младински политики и колку од законските регулативи се почитуваат од страна на општините.

Како краен заклучок на дискусијата произлезе потребата дека секоја општина треба да посвети посебно внимание на младите и да им овозможи реализација на сите активности кои се предвидени според законот. Речиси две години од законскиот рок е веќе изминат, но големи промени во однос на креирање на локални младински центри и совети, не е забележан.

Останува да видиме, новите градоначалници какви промени ќе направат по ова прашање и колку ќе се ангажираат за подобрување на животот на младите во рамки на општините.

Јавната расправа е дел од „Поддршка на изборните реформи“ проект на Швајцарската агенција за развој и соработка (СДЦ), кој го спроведуваат Меѓународната фондација за изборни системи (ИФЕС) во партнерство со Националниот младински совет на Македонија (НМСМ).