Животен стил со нула отпад

Младинската иницијатива ViridiQ на 14.04.2018одржа 4-часовен настан за животен стил без отпад. На настанот присуствуваа претходно избрани 25 млади екологисти, кои се запознаа со начините на кои можат да го намалат отпадот кој го создаваат преку многуте практични примери на обучувачите. Истиот беше одржан во Канцеларија за млади на општина Центар.

Ива Апостолска, еко-активистка, веганка и нула-отпад ентузијастка, беше говорничката во првиот дел, каде што  даде осврт кон проблемот – отпад, и ги приближи присутните до нејзиниот пат кон нула-отпад.

„ Се ослободуваме од отпадот со чувство како да сме го пратиле некаде далеку, а тоа некаде далеку е само илузија. “ – е реченицата со која Ива ги поттикна присутните на дискусија.

 

 

 

 

Билјана Макревска, дел од тимот на „Храна за сите“ ја продолжи конференцијата. Таа  им укажа на присутните за големината на проблемот и ги поттикна да ја користат „Храна за сите“ како алатка за поедноставно справување со отпадот од храна. 

Чест ни беше да го слушнеме и Мартин Шишкин. Мартин е студент на архитектонскиот факултет кој со години барал решение за системскиот отпад во Македонија.

„Оваа фабрика би била од огромна корист, но би била огромен трошок доколку граѓаните не се свесни за важноста на намалувањето и селектирањето отпад“-  порача Мартин кој пред една година ја проектирал фабриката за сепарирање на градски отпад.

За практичната примена на сето она што претходните говорници го кажаа, се погрижи Никола Јовановски, дел од тимот на ViridiQ  и остар борец против секаков вид на отпад. Тој на учесниците им го претстави предизвикот преку кој постепено ќе ги менуваат своите навики и ќе заживеат со нула отпад.

За да им помогне, тимот на ViridiQ подготви стартер пакети за секој од учесниците.

Овој настан беше само еден од многуте организирани од тимот на ViridiQ.  Се работи за младинска иницијатива која цели да ги охрабри граѓаните да направат промена во начинот на нивното живеење, да преземат акција, да развијат еколошки навики и да се стремат кон создавање помалку отпад. ViridiQ е иницијатива која е дел од проектот „Младински лидерски иницијативи“. Проектот е реализиран од страна на Здружението на граѓани Младите можат, а поддржан од Швајцарскиот младински совет (SAJV) и Асоцијација SEED од Швајцарија.

Повеќе информации за предизвикот можете да добиете на фејсбук страната на ViridiQ. Ве повикуваме да се вклучите со хештег #VQzero. Среќно!