Волонтирањето – Чекор кон светот на возрасните

Волонтирањето
– Чекор кон светот на возрасните –
– точка и вселена –
– штанд и протест –
– меки вештини и применето знаење –

Никола Јовановски - блог

Гледајќи наназад, средношколските денови ми се како „точка и вселена“. Тогаш светот е можност, а туку што ќе почнеш. Не знаеш, а имаш толку многу да спознаеш. Тоа е точно за речиси секој момент од животот, но посебно е точно за средношколците. Па може да го земеме како практичен пример, училишна задача.

Пр.1 Се наоѓаш на час по омилениот предмет и како switch да се има вклучено, ти светнува. Си велиш „леле ова што го учиме е cool и интересно, ама многу малку зборувавме за него“. Пријдуваш до катедрата и прашуваш дали може да направиш презентација на темата дека сакаш да ја истражиш малку повеќе. Ако имаш среќа, ќе ти кажат „океј“ и ќе посветиш дел од следниот час на тоа.
Пример, мене многу ме фрустрираше што темите за животна средина се земаа „онака“, да се помине. Затоа се пријавував за презентации, читав и истражував, отварав дискусии но не секогаш имаше време за тоа на часовите. Иако сите имаме 1001 идеја за тоа како може да се подобри образованието, програмата што мора да се обработи во текот на годината е таа и е прилично ригидна.
Затоа почнуваш да волонтираш, волонтираш во област што не се обработува доволно во школо и што тебе те интересира. Каде и да волонтираш несомнено добиваш платформа каде ќе можеш да учиш и да се изразуваш и да креваш глас за она што ти е битно, го споделуваш своето знаење со своите врсници и ти е јако, реално. Учиш нови вештини, попријатно ти е да зборуваш пред луѓе (или помалку непријатно од претходно), можеби учиш некоја нова дигитална алатка, се запознаваш со нови кул луѓе и мотивираш некои од нив да се запознаат со тоа што те исполнува.

Пр.2 Одиш по улица, се возиш со автобус или постоиш на некој друг начин по твој избор во моментот овде и сега. Гледаш некоја неправда, нешто што не е океј, што знаеш дека може да биде подобро. Чувствуваш желба да се активираш, да покажеш лидерство и да го правиш светот малку поубав. Овие идеи ти тлеат.
„Ама може да биде подобра програмата во школо“
„Не треба да сме толку злобни еден кон друг“
„Треба повеќе млади да знаат да раководат со своите финансии“
„Премногу ѓубре“
„Премалку време“
„Високото образование не ни чини“
„На школо никој не ме насочува што да си правам со животот понатаму“
..

„Еј апликацијава за членство во организацијава личи кул, може тука ќе променам нешто“
Да, ќе промениш, И променуваш. Почнуваш да волонтираш и го менуваш светот во и околу тебе. Застануваш зад штанд, информираш и мотивираш млади, излегуваш на улица, протестираш аргументирано, зборуваш со луѓе, креваш свест за одреден проблем, споделуваш знаење, се бориш, се вложуваш, понекогаш многу се вложуваш НО…. Гледаш промена. Полека сфаќаш дека Младите можат. Со мала поддршка, со насока, со тимска работа, со learning by doing и со секое ново искуство

Постојат многу огледала, верзии на искуството на започнување со волонтирање и активизам. Но сите имаат едно нешто заеднично – Знаат дека можат.
Има исто толку многу средношколци кои уште денес можат да влезат во овој свет, каде Младите можат – Верувај ни, ќе дознаеш и ти за месец/два дека можеш.

Ти како средношколец можеш да имаш различно секојдневие од твоите врсници.
Можеш да бидеш дел од заедница која секојдневно инспирира и се бунтува против сите неправди.
Можеш да бидеш оној што ќе започне нешто, ќе преземе акција за нешто што треба да се промени.
Можеш да бидеш млад човек со цврсти вредности и јасна визија за својата иднина.
Можеш да истражуваш и да дознаеш што те исполнува.
Можеш дури да искусиш работен ден во кариерата што сакаш да ја градиш.
Можеш да бидеш волонтер и со својот труд да поддржиш свои врсници да направат промена.
Можеш да бидеш супер-светла точка во вселената.

Е сега, како тоа да го направиш? Можеш да почнеш со тоа што ќе ни се придружиш и ќе станеш дел од првата младинска приказна од ваков тип – Social Day. Веруваме колективно дека оваа година ќе го промениме општеството на подобро one step at a time, one job position at a time, а ти ќе ја искусиш работата во која сакаш да градиш кариера и патем ќе бидеш општествено одговорен. Следи не, ќе можеш да сѐ пријавиш за учество наскоро.

На кратко, за крај: Можеш. Можеш сѐ.


Никола Јовановски, волонтер, активист, поборник за заштита на животната средина, член на УО на Младите можат