Никогаш не можев да разберам зошто одлуката да се посети психолог е толку тешка. Можеби клучно е тоа што добар дел од населението се уште не прави разлика меѓу психолог и психијатар. Да се обидеме да поедноставиме. Психијатарот е лекар кој лечи ментални болести и препишува лекови бидејќи посетувал медицинско училиште, а психологот е советодавец. Тој не лечи туку советува, бара решение на вашите проблеми кои може да вклучуваат анксиозност, депресија итн. Психологот е како пријател, кој го плаќаш (во зависност од ситуацијата). Со таа разлика што можеш да бидеш сигурен дека психологот нема да биде пристрасен во донесувањето на одлуката, туку објективен и професионален. Нормално имајќи го ова на ум, ни преостанува само да закажеме состанок со психолог доколку имаме потреба. Но, тој чекор за човекот како компетитивно суштество, изгледа значи пораз. Пораз во војната со себеси. Одењето на психолог би значело признание на загубената контрола над себеси и доминација на потсвеста. Па, така најверојатно аверзијата кон одење на психолог во нашето општество се должи токму на ова- дефицитот на доблест да се признае поразот и претераната гордост која не спречува да побараме помош. Од друга страна надежно е тоа што психологијата е се попопуларна кај младите студенти, па така би требало да дојде до подобрување на оваа ситуација во блиска иднина.
Потребни се што повеќе експерти, бидејќи психологијата влегува во едно ново време. Време во кое таа е во голема мера злоупотребувана. Дозволете да се изразам послободно и да објаснам. Сите знаеме дека со моќта на социјалните мрежи и жолтиот печат, и легендата и лагата стануваат вистина. Па така голем број на веб страни или јутуб канали кои пробуваат да се пробијат низ интернет сферата, користат нешто што не може а да не го заинтересира човекот. А тоа е психологијата. Кој би одолеал на статија која гласи: „10 психолошки трикови кои ќе ви помогнат да го добиете она што го сакате“. Секоја чест на исклучоците, но поголемиот дел од овие статии се текстови во кои авторот се ‘заиграл’ и си дозволил да биде малку покреативен и да ја рашири приказната. Додека пак читателот ги прима сите информации и моментално станува експерт за се што постои.
За да ви ја приближам ситуацијата за која зборувам ќе ви го дадам следниот пример: Замислете како би се чувствувал еден доктор ако сите почнеме да воспоставуваме дијагноза и даваме терапии на рандом луѓе врз основа на нивните симптоми, и покрај тоа што нематме некое посебно знаење од областа на медицината. Или како би реагирал адвокатот, ако би почнале да шириме дезинформации поврзани со правните норми. Би било хаос нели?
Тоа не води и до наредната тема за која би сакала накратко нешто да споменам. Нешто што верувам дека му оди на нерви на секој психолог, а тоа е преслободното користење на поими поврзани со психологијата, надвор од контекст. На пример зборови како психопат, антисоцијален, интроверт, шизофреничен итн. Зборови на кои поголемиот дел од луѓето не им го знаат вистинското значење, но ги користат и покрај тоа.
Мозокот е толку сложен орган што дури и најпосветените и најспособните научници немаат откриено како потполно тој функционира. Аналогно на тоа тешко би било и да се откријат човечките пориви за дејствување и да се протолкуваат вистинските причини за нашите постапки.
Значи, во случај да имаме потреба од помош во поглед на менталната прочистување, веројатно наместо да потиснуваме или бараме помош на интернет, попаметно би било работата да му ја препуштиме на способен професионалец. Го споменав интернетот, бидејќи најосетлива група на која најмногу би и користела помошта од психолог се најчесто тинејџерите. Вклучувајќи ме и мене, верувам дека кога имаме проблем кој ни е тешко да го споделиме, прво се обраќаме кон интернетот. Како адолесценти се среќаваме со бројни предизвици, како што е одбирање на прикладно образование, или вклопување во социјално прифатените кругови на пријатели. Сето тоа допринесува индивидуалецот да стане анксиозен или нервозен, што може да води до подлабоки ментални проблеми како што е депресијата. Меѓутоа, таквите работи брзо се решаваат доколку индивидуата е одлучна и има волја да ја напушти таа ситуација. Проблемот настанува во случај на конформизам, каде што некогашната моментална состојба, поединецот ќе одлучи да си ја присвои како индивидуална карактеристика. Тука се отежнува работата на психологот бидејќи потешко добива фидбек од индивидуалецот. Сепак, верувам дека во повеќето од случаите, проблемите би се решиле набрзо, бидејќи многу често корен на главниот проблем е тоа што потсвеста често знае да работи против нас и да направи непотребно да испаничиме. Но, како што потсвеста е одговорна за ‘изникнувањето’ на проблемот, така таа ќе биде одговорна и за негово разрешавање.
Како што споменав погоре, со оглед на тоа дека се повеќе студенти се запишуваат на институтот за психологија, -иднината ветува. Се надевам дека луѓето ќе престанат да ги гледаат психолозите како измамници или конкуренција. Но сето тоа се случува бидејќи ја сфаќаме психологијата лично. Односно, фактот дека психологијата е наука за душата, несвесното и потсвесното, нас не прави да мислиме дека ние самите сме веќе експерти за сето тоа. Значи, ајде да заклучиме: -имаме и срце, но тоа не не прави да се чуствуваме како специјалисти по кардиологија, тогаш Зошто барањето помош за виталните органи е поопштоприфатено од барањето помош за справување со проблеми поврзани со менталното здравје?
—
Прочитајте ги сите есеи од конкурсот „Хакирај-Превенирај!“ на линкот.
0