Неинформираноста на младите околу здруженијата на граѓани и волонтирањето поттикна тим од ентузијастични средношколци, активни членови на Младите можат, да имплементираат иницијатива со цел да информираат и да им ја подигнат свеста на своите врсници околу овој предизвик. Поради големата застапеност на социјалните мрежи во секојдневниот живот, тие одлучија дека најефикасен начин да се допре до младите и истите да се мотивираат да волонтираат е преку креирање и споделување на информативни видеа. Преку видеата на еден интересен начин ќе се покажат важноста и придобивките од неформалното образование и волонтирањето и колку тие се корисни за развојот на младите. Со концептот на “Draw My Life”, во првото 2 минутно видео ќе се прикаже секојдневниот монотон живот на еден тинејџер – Младенчо, сè додека не се зачлени во едно здружение на граѓани. Доколку сакате и вие да дознаете повеќе за приказната на Младенчо, следете нè на социјалните мрежи на Младите Можат, каде што наскоро ќе биде објавено видеото.
По објавувањето на првото видео, тимот планира втор дел од приказната за Младенчо, што веруваме дека не би сакале да ја пропуштите, затоа што тој ќе ни ги раскаже своите искуства и личен развој како волонтер.
Покрај двете YouTube видеа, тимот за неформално образование и волонтерство на Младите можат планира уште уште неколку активности со цел информирање на своите врсници, меѓу кои и делење на флаери, презентации низ неколку средни училишта во Скопје. Како крајна активност, ќе биде организиран настан на кој можат да присуствуваат и да се дружат луѓе од сите возрасти. Секако, покрај дружбата, важно е и остварување на главната цел: развивање на свеста на младите за учество во активности за неформално образование и волонтерски активности. Ова ќе биде место каде што ќе можат младите да се запознаат со нови луѓе, да слушнат добра музика и да откријат нови можности да се развијат себе и да направат нешто повеќе за своето општество.
Ова е накратко акцискиот план за престојниот период на тимот од 8 активни членови на Младите Можат, кои длабоко веруваат дека можат да допрат до луѓето околу нив и да направат промена, да ги мотивираат да волонтираат и да се развиваат на личен план!