На 03 и 04 Октомври, во просториите на Македонска опера и балет (МОБ) беше епицентарот на млади мотивирани луѓе. По неколку месеци макотрпна работа, организаторите на своите места, подготвени за продолжување на традицијата.

11 успешни говорници со 11 инспиративни приказни. 5 едукативни и забавни работилници на различни теми за развој на вештини на секој млад човек. Над 300 млади луѓе мотивирани, ентузијастични  и подготвени цврсто да чекорат кон остварувањето на посакуваните соништа.

Саботно попладне, нешто малку после 16ч, атмосферата во МОБ веќе вриеше. Лавина од млади, љубопитни луѓе полека ја исполнија салата. Настанот го отвори Александра Пановска, нашата Метрополис девојка во улога на модератор, која со својот шармантен глас му даде посебна магија на овој Мотивациски викенд.  Веднаш по неа на сцената стапи Иван Јованов, Претседателот на Младите можат, кој ја објасни целата идеја и како настанот прерасна од Мотивациски ден во Мотивациски викенд.

Првата дама која го “скрши мразот” беше Викторија Ланговска, чија главна инспирација ја влече од секојдневието кое не опкружува, за кое смета дека е едно од најдобрите мотивации доколку знаеш како го преточиш во нешто конкретно. Дамата која го наследи микрофонот беше Даниела Нелепа, која вели дека ако сте водени од вистинска и искрена идеја, можности секогаш ќе има, и важно е да ги препознаете и зграбите. На младите им препорача да се слушаат себеси, никогаш да не се откажуваат од нешто што го сакаат, да шират љубов и да бидат секогаш секогаш свесни за своето постоење. Првиот господин кој стапна на бината беше Кочо Андоновски, кој порача: “-секогаш е вашето време, бидејќи вие сте носители на вашето време”. Ана Јовковска посочи дека е важно, на животниот пат, да не се изгубиш себе во успех и успешно да ја задржиш мотивацијата и жарта за она што го работиш, што те дефининира тебе и на личен и на професионален план. По Ана, следеше Гоце Арменски, кој своето излагање го отвори со реченицата “Внимавајте што посакувате во животот – сигурно ќе ви се оствари”. Гоце ја следи Дарвиновата изрека – не преживуваат најсилните, туку најадаптабилните. Последен за првиот ден, настапи Мухамед Зекири, чија мисла гласеше: “успеваш само ако веруваш во себе, и ако на патот кон успехот не ве поколеба што велат и мислат другите”.

Ако првиот ден го започнавме со прекрасна дама, вториот ден од овој интензивен Мотивациски викенд го стартува господинот Александар Тасев, кој ги охрабува сите да ‘скокнат во длабокото’ со самодоверба и да не се плашат од сите предизвици на кои ќе налетаат, кои иако ќе се многубројни, не значи дека се непребродливи. Поместувајте ги вашите лични граници. Лазар Ѓуров го преточи своето искуство во 13 насоки за надворешен успех. Дел од нив се следните: Биди постојано (здраво) самокритичен! Биди отворен за фидбек и почитувај го туѓото мислење! Не се задоволувај со малку, ти заслужуваш среќен и исполнет живот! Најди ја професијата за која си создаден! Никогаш човек не треба да се откажува од нешто што сака, рече Катарина Ивановска. Вложувајте во себе, градете се како личности и ќе стигнете до вистинскиот успех. Питер Тоинуз издвои неколку инспиративни пораки. Она што умот може да го креира, ти можеш да го оствариш! Целта е само идеја со краен рок! Твојата најголема можност е токму сега и токму тука! Последната за овој викенд беше младата дизајнерка Ирина Тошева. Многу љубов и многу компромис, се клучните елементи што ја дотуркале Ирина таму каде што е сега.

Покрај инспиративните говорници и неколку работилници за стекнување со вештини и зајакнување на личниот развој на младите. Дечките од Hitlancer на сите почетници фриленсери, советите кои им ги поделија беа да бидат креативни, да се заштитат себе како личност и работник, да ги користат сите можности кои ќе им се укажани за да ја постигнат посакуваната цел. Лазар Ѓуров одржа и работилница за успешно менаџирање со време. Младите установија дека она што го карактеризира времето е дека тоа е континуирано, неповторливо, циклично и ограничено. Нела Јолеска од EQ Excellence која ги запозна младите дека Емоционалната интелигенција е круг од шеми за тоа: кој сум јас, како анализирам, колку сум критичен, како се мотивирам, како се прифаќам, која е мојата цел. Заљубените во музиката и танцот научија и неколку основни чекори кога е во прашање модерниот танц, благодарение на дечките од танцовото студио “Беатрикс”.

На нетворкинг забавата младите имаа можност да се запознаат лично со дел од говорниците да ги споделат своите идеи и искуства. Од разговорите кои ги споделија со нас, ги насетивме и идните можни соработки, како и потенцијлните говорници на некој од идните Мотивациски викенди. За успешноста на настанот ни честитаа и самите, а ентузијазмот и мотивацијата која ја видовме во секој млад човек е наш поттик за вложување уште повеќе труд, љубов и напор во организација на уште подобри и поголеми настани од ваков карактер.

Голема благодарност до сите спонзори кои максимално се потрудија да придонесат во поуспешно спроведување на настанот, како и до медиумите кои одиграа голема улога во промоцијата на Мотивациски викенд 3.