„Менталното здравје не е првоаприлска шега!“ е мотото под кое се одржа 6-часовен настан посветен на менталното здравје на 1ви април 2018 година на Филозофскиот факултет при УКИМ, во организација на младинската иницијатива “Hack the Mental Health Stigma”.

Околу 150-те присутни на самиот почеток имаа шанса да дознаат повеќе за факторите кои влијаат врз креирање и одржување на стигмата поврзана со менталното здравје, митовите и фактите поврзани со него, емоционалната интелигенција како клучен фактор за негување на оваа човекова димензија. 

Тиана Ивановска и Анита Јанчевска, едни од основачите на ПСИХЕСКО (Здружение на студенти по психологија), со неколкугодишно искуство во спроведување на едукации од областа на менталното здравје, ни говореа повеќе околу митовите и фактите поврзани со менталното здравје и психотерапијата, а воедно и за емоционалната интелигенција како еден од најважните аспекти на одржувањето на ментална благосостојба.

Емоционалната интелигенција е клучен поим за стабилно и функционално ментално здравје. Всушност, кога зборуваме за менталното здравје, превенцијата на менталните заболувања е многу полесна кога индивидуата располага со висока свесност за сопствените емоции и процеси. Тогаш и самата индивидуа е отворена за соработка, бара стручна помош, умее да ги идентификува предизвиците со кои се соочува, а сето тоа влијае на поефикасно надминување на истите“. – Тиана Ивановска

Емоционалната интелигенција е нешто кое се учи и се развива, нема ограничувања во поглед на тоа колку емоционално интелигенти можеме да станеме. Кога станува збор неа, најважно е  да запомниме дека без разлика какви сме кон остатокот од светот, секогаш треба да бидеме искрени со себеси. Да бидеме искрени што чувстуваме и зошто го чувствуваме. Само така може да оствариме личен развој и благосостојба на умот и на телото“. – Анита Јанчевска.

 

Во понатамошниот тек на настанот, се дискутираше за медитацијата како алатка за одржување на смиреноста и контактот со себе кои имаат особена важност за психичката состојба на секој поединец.  Оваа дискусија ја водеше Слободан Трајковски, мастер сертифициран инструктор и практичар по Спиритуални технологии, со повеќе од 20 години искуство и основач на програмата „МЕУНА“.

Во „МЕУНА“, низ сеанси и медитации учесниците се водени низ спиритуални вежби, чекор по чекор, од секојдневното до високите нивоа на свест и имаат можност директно да ја искусат нивната природна состојба на постоење. Една ваква медитациона вежба во времетраење од 20 минути беше изведена и за време на настанот.

 

 

Освен делот посветен на теми директно поврзани со менталното здравје, се одржаа и две предавања за насилство во интимни врски и сексуално вознемирување како несомнено важни фактори кои влијаат врз менталното здравје нажртвите, но и на агресорите.

Фросина Ивановска, менаџерка на Прв семеен центар на Град Скопје говореше за насилство во интимни врски. Центарот кој таа го води е прво специјализирано советувалиште кое нуди психосоцијална поддршка и советување на семејства кои се во конфликтни односи, во кои акутно се врши насилство или пак во изминатиот период постоело семејно насилство. Присутните имаа можност да дознаат повеќе за ризик факторите поврзани со овој тип на насилство; различните подтипови на насилство;  да се запознаат со психолошките процеси и фази низ кои поминуваат жртвите и како околината позитивно или негативно може да влијае врз нив. Кон крајот на предавањето се дискутираа и последиците кои произлегуваат во вакви случаеви и секако кои се начините за излез од ваквите несреќни околности и кои се институциите и организациите кои можат да помогнат. Иако ова претставува доста сензитивна тема, за која ретко кој се осмелува да зборува, присутните беа отворени да слушнат повеќе и да развијат плодотворна дискусија и да ги продлабочат своите знаења и свесност поврзани со неа.

Последното предавање беше на тема сексуално вознемирување. Климентина Димовска и Драгана Нешевска, сертифицирани врснички едукаторки по Сеопфатно сексуално образование, ни говореа повеќе за облиците на сексуално вознемирување, нè насочија како можеме да го препознаеме и кои се факторите кои ја охрабруваат оваа појава или пак придонесуваат таа да не биде казнувана, во секојдневиото, но и во професионален контекст.

Се радувам што сум дел од настанот на кој ќе зборувам за сексуалното вознемирување и последиците врз целокупното здравје кои би се јавиле како резултат на тоа. Поразителна е состојбата со која се соочуваме како едукатори за сеопфатно сексуално образование: млади лица чие секојдневие е исполнето со сексуално вознемирување, а не умеат ни да го препознаат како такво зашто е нормализирано, се смета за сосема обична појава“. – Климентина Димовска

 

Еден од говорниците кои нè водеа низ овие теми беше и Ана Попризова, училишен психолог и Гешталт терапевт. Има долгогодишно искуство во работа со млади. Главна мотивација ѝ е да ги поддржува младите личности во процесите на нивен личен раст и развој и преку своето делување да даде придонес  за нивно активно вклучување во општествените процеси. Таа зборуваше за важноста на менталното здравје и како тоа е стигматизирано во рамки на образовниот систем низ кој поминуваат децата и младите, воедно и како можеме да помогнеме да ја намалиме неговата стигматизација во општеството.

Ова е прв настан на иницијативата Hack the Mental Health Stigma, од низата настани и активности кои ќе се случуваат во следниот период. Се работи за младинска иницијатива која има за цел да ја крене свеста за важноста на менталното здравје и сериозноста на последиците од сите видови насилство. Иницијативата произлезе од проектот „Младински лидерски иницијативи“, имплементиран од Младите можат, а поддржан од SEED и швајцарскиот национален младински совет.