Совршена работна атмосфера, активизам, иновации, креативност, менторирање, коучинг, лидерство, тимска динамика и неформални методи на учење кои на крајот не доведоа до подготвување на бизнис модели за социјално претприемништво спремни за реализација.
Споделуваме што се случуваше во ?Слетерстанд, Данска во периодот 12 – 25 ноември со Софија, Стефанија и Јане. ?
• Софија
Како младински работник постојано треба да ги следиш новите трендови на младите, да си запознаен со интересите кои ги имаат, да ги следиш новостите во светот и секако да ги информираш и нив за истите. Еден од предизвиците што ги има младинската работа денеска е како активностите што ги креираме за нив, но и тие што самите ги спроведуваат, да бидат одржливи, достапни и корисни за општеството. Токму таа тематика беше опфатена на Еразмус+ проектот во Слетерстанд, Данска кој се одржа на крајот на ноември 2019 година, организиран од локалната организација која дејствува европски – Inter College.
Тренинг курсот успеа да опфати повеќе теми кои им помогнаа на присутните младински работници да изнајдат начин како нивната работа да ја направат одржлива и во бизнис модел, а притоа да не ги заборават младите и нивните потреби во целиот процес. Тренерите умешно ги пренесоа принципите и идеалите на Европската унија и претставија алатки на располагање кои ни помагаат во развивање на креативниот и иновативниот процес на нас, младинските работници.
Темите кои беа опфатени, а се дел од моето секојдневие како младински работник беа: лидерство, поставување на цели и ефективно планирање, решавање на проблеми, коучинг, справување со тимска динамика, иновација и граѓанско учество. Сите овие иако поставени засебно, се неодвоиливи едно од друго во работата со млади, а таа атмосфера беше постигната на самиот тренинг курс. Како? Преку користење и развивање на мапирање, бура на идеи, фокално размислување, менаџмент на време, активно слушање, рефлектирање, давање на конструктивни критики, поставување прашања, поттикнување на прашања, тактичка дипломатија, емоционална интелегенција и емпатија.
• Стефанија
На овој тренинг имаше учесници од 7 држави: Македонија, Бугарија, Романија, Италија, Чешка, Литванија и Данска.Ние, со меѓусебната интеракција и учеството во тимските игри и сесиите успеавме да се запознаеме и здружиме со учесниците од другите држави и секако споделувавме прекрасни моменти заедно, со што стекнавме пријателства што верувам дека ќе траат уште долго. Исто така, ова беше добра можност за вмрежување меѓу учесниците од различните држави и организации, што може да резултира и со склучување на партнерства за соработка во иднина.
Преку активното учество во дискусиите за време на работилниците и секојдневната комуникација со другите членови и тренерите, ги споделувавме нашите ставови и мислења на дадената тематика и секако стекнавме нови знаења и искуство и ги подобривме нашите компентенции.
Освен стекнатото знаење, за време на овој тренинг, преку константната интеракција со членовите од другите држави, ги зајакнавме и подобривме своите комуникациски способности на даден странски јазик- англиски. Понатаму, како една од целите на оваа програма беше и претставување на нашата држава и култура. Тоа го остваривме преку учество во културната вечер, каде што преку презентација ги запознавме другите учесници со нашата култура, вредности, обичаи и традиционалната македонска кујна.
• Јане
Европските фондови и програми се одлична можност за едукација од секаков тип. Особено е значајно што новата програма на Erasmus + има 40% зголемување на својот буџет со што станува уште подостапна за сите.
Двонеделниот тренинг курс во Данска го унапреди моето знаење за социјалните претпријатија и ме запозна со модерни алатки за поттикнување на лидерството и иновации кај младите. Социјалното претприемништво може да се дефинира како концепт или обид за решавање на одредени недостатоци во општеството преку употреба на бизнис модел кој ќе генерира долгорочна одржливост. Иако овој бизнис модел со социјална цел одамна се практикува низ целиот свет, тој сеуште не е доволно третиран во македонската економија. Во последните години благодарејќи на поединечни залагања истиот бележи се поголем интерес во јавноста и е се позастапен.
Паралелно со официјалниот тренинг курс, се развија иновативни идеи за социјални и младински проекти, се воспоставија партнерства помеѓу земјите учеснички, практично се аплицираа новите знаења и севкупно се зголемија нашите вештини како младински работници. Понесени од позитивната работна атмосфера размислуваме во блиска иднина да се организира и работилница која ќе го пренесе ново стекнатото искуство и знаење кај младите.