Во текот на декември 2019г. започна со имплементација првата активност ‘’Company Shuttle”, дел од проектот “Чекор кон кариера од соништата”, кој е имплементиран од Младите Можат и студентската организација ИАЕСТЕ Македонија, а поддржан од WEB4YES и Европска Унија.

Company Shuttle е интернационален проект, дел од програмата на неколку ИАЕСТЕ земји низ светот. Станува збор за проект организиран од студенти – за студенти, со главна цел да се воспостави контакт помеѓу студентите и компаниите. Проектот им овозможува на студентите од техничките факултети да го искусат инженерството во реалниот живот и проблемите што доаѓаат со него, да работат на вистински проект менториран од професионалци, и можност да стапат во контакт со компаниите кои би можеле да бидат нивни работодавци или соработници во иднина.

Првиот Company Shuttle беше организиран во соработка со компанијата Џонсон Мети. Оваа компанија е светски водечки лидер за производство на катализатори за контрола на емисиите на издувни гасови од возилата.

На 10.12.2019 беше направена посета на компанијата каде учесниците се запознаа со техниките и технологиите кои се применуваат во секојдневното работење. На посетата која беше овозможена од страна на обучениот кадар во Џонсон Мети, учесниците имаа информативно предавање за различните типови на катализатори кои таму се произведуваат. Потоа, од страна на менторите беше презентиран предизвикот, кој беше поврзан со делта робот односно како тој да се надогради во 3Д печатач.

Во наредниот период од две недели тимовите имаа задача да го решат овој предизвик. Во текот на овие две недели, на 19.12.2019, беше организирана уште една средба со учесниците во Млади хаб чија цел беше тимовите да го презентираат напредокот и да споделат со кои проблеми се соочиле во текот на работата.

Завршната активност од првиот Company Shuttle, се одржа на 24.12.2019 во Џонсон Мети, каде беа презентирани решенијата од страна на тимовите и беше избран победникот.

Во наредните месеци, март и април, планирано е активноста да се спроведе во уште две компании од различни области.

Следете не за подетални информации.


*Company Shuttle е во рамки на проектот „Чекор кон кариерата од твоите соништа“ кој е импементиран од страна на Здружение на граѓани Младите можат и ИАЕСТЕ Македонија. Овој проект е дел од тригодишниот проект WeB4YES (Western Balkan Civil Society Organisations for Youth Employment Support) финансиран од Европската Унија.