Креативна работилница „Боите на мојот свет“

На ден 30.06.2018 год. (сабота) во просториите на ООУ „Александар Македонски” се одржа работилница на тема „Боите на мојот свет”. Просторот беше отстапен на користење од страна на Опшитна Аеродром, по претходно испратеното барање и состанок со одговорните лица од општината. Самата работилница претставуваше пилот проект како би функционирал SLAP културниот центар. Настанот беше предвиден да започне во 10:30 часот со регистрација на учесниците. Учесниците се пријавија на претходно подготвен повик, кој беше отворен до 29.06.2018 год. до 17 часот. Присуствуваа вкупно 50 учесници, кои беа распределени во 5 клубови (поезија и проза, фотографија, драма, сликање и музика) според информациите кои ги пополниле во пријавата. Настанот започна во 11:00 часот. Организацискиот тим, составен од:Никица Манџуковски, Елена Киранџинска, Елена Пауноска и Сања Јонческа, го отвори настанот и им се заблагодари на учесниците за нивното присуство. Тие им го претставија проектот на учесниците, нивната замисла и мотивација за организација на истиот, по што накратко се осврнаа на агендата која беше предвидена за тој ден. За учесниците целосно да бидат опуштени и нивната креативна мисла да се разбуди беше подготвена една друштвена игра. Учесниците требаше да се поделат во парови и да смислат по две вистини и една лага за себе. Потоа да ги споделат тие информации со своите партнери, а тие да погодат што е вистина, а што лага. Следуваше дваесетминутна кафе пауза, а потоа започнаа и самите работилници. Работилниците се одвиваа во 5 училници и беа составени од два дела. Секоја работилница имаше свој мотиватор:

Клуб за драма:

–          Ева Гаврил, продуцент

–          Весна Гаврил, актерка

(Детски алтернативен театар „Мали а големи“)

Клуб за сликање:

–          Сузана Михајловска

(професор по ликовна уметност)

Клуб за поезија и проза

–          Мими Блажевска

(професор по македонски јазик и литература)

Клуб за фотографија

–          Александра Костадиновска

(самоук фотограф)

–          Станимир Неделковски

(фотограф и кустос во Музеј на град Скопје)

Клуб за музика:

–          Андријана Јаневска

(пејачка, виолинистка во Македонска опера и балет)

–          Мерсиха Шукри

(харфистка во Македонска филхармонија)

 

Првиот дел од работилницата беше одвоен за дискусија од областа на клубовите. Во клубот за драма се правеа кратки актерски вежби за опуштање на телото, правилен говор и правилно дишење и имитација на лик од близината на учесниците. Во клубот за сликање имаше воведен дел околу боите кои се користат за време на сликањето и нивното мешање. Во клубот за поезија и проза се издвоија одредени текстови и поезија од македонски автори и се дискутираше за нивниот стил и тематика. Во клубот за фотографија мотиваторите споделија техники на фотографирање, се дискутираше за композицијата на фотографиите, поставување на светло, методи и програми за обработка на фотографиите. Во клубот за музика харфистката зборуваше за деловите на харфата, а мотиваторот за пеење започна со подготовки на гласот и основни вежби за пеење.

Во вториот дел од работилницата се подготвуваа текстови и поезија во областа на клубот за поезија и проза на тема „Боите на мојот свет“. Во клубот за драма се подготвуваше етида на тема „Храброст е да се биде свој“. Во клубот за пеење учесниците се подготвуваа за настапот на отворениот настан со песни кои самите тие ги одбраа. Во клубот за фотографија учесниците на простор околу училиштето правеа фотографии на тема “Боите на мојот свет”. Во клубот за сликање учесниците ги употребија претходно стекнатите знаење околу боите за да насликаат слика на темата „Боите на мојот свет“.

Следуваше триесет минутна пауза за закуска, а потоа имаше евалуација кадешто учесниците на самолепливи ливчиња ги напишаа своите впечатоци од работилницата. Во 16:30 часот започнаа подготовки за отворениот настан.

Отворениот настан започна во 17:30 часот. Целиот материјал кој беше сработен на работилниците беше претставен пред публиката која беше дојдена да ја поддржи идејата за отварање на SLAP културен центар. Мотиваторот за поезија и проза Мими Блажевска ја прочита својата поезија, и покажавме дека спојот помеѓу искуството и младоста е најдобар спој. Организацискиот тим го претстави целиот проект, се заблагодари за присуството, испрати големи поздрави до спонзорите на оваа работилница. На сите мотиватори и учесници на крајот од настанот им беа доделени благодарници за учество и успешна реализација.

Се надевавме дека ги разбудивме сите учесници и присутни од летниот сон и им го исполнивме денот со боја!