АКО САКАМЕ ДА НАПРАВИМЕ ПРОМЕНИ, МОРА ДА ДЕЈСТВУВАМЕ ЗА ТИЕ ПРОМЕНИ ДА СЕ СЛУЧАТ.

Волонтерството е едно од основните активности кои младите треба да ги превземаат за да се развијат себе си.

Во моментот кога една млада личност одлучува да стане волонтер, значи дека личноста станува свесна за потребите на општеството. Таа млада личност го идентификува начинот преку кој сака позитивно да влијае врз луѓето околу себе.

Младите Можат како организација, повеќе од 12 години посветено работи и создава програми преку кои им се овозможува на младите да волонтираат и помагаат во заедницата.

Младински Локални Банки, Младински Локални Иницијативи, Лидерски Камп, Час за Час, Social Day, Ослободи ја Идејата- се само дел од програмите кои им овозможуваат на младите да ја направат посакуваната промена во заедницата.

Многу членови преку нашите програми ја доловуваат основната цел на волонтерството-лична и општествена промена.

„Ме натера да бидам проактивен и ја зајакна мојата слика за себе како лидер, во најосновна смисла, и преку тоа наичив меѓу-човечки вештини, како се организира настан, работење со страстен тим со силни и често различни ставови, јако е“- вели Никола Јовановски, тим лидер на иницијативата ViridiQ-проект „Младински лидерски иницијативи“.

„Во периодот пред да аплицирам за оваа иницијатива бев длабоко убедена дека можам да сменам се на светов, но откако сфатив дека не го можам тоа во моментов, решив дека сепак можам да направам промена на локално ниво која ќе е значителна за многу млади околу мене, а овој проект беше перфектното нешто за да ја исполнам таа моја желба“-раскажува Сања Јонческа за нејзиното искуство како волонтер во инивијативата SLAP-проект „Младински Локални Иницијативи“

„За нас младите постојано има огромни број на приоритетни предизвици. Но, со тимот разговаравме колкави капацитети имаме ние, како волонтери, за да подобриме нешто во заедницата. Така, по принцип на елиминација одлучивме дека ќе разбудиме еколошка свест токму кај најмалите, ќе ги учиме на здрави еко навики, со што тие ќе го пренесат истото на врсниците и родителите“- вели Дарко Николовски, член на иницијатива Еко-свест, проект „Млади информирани-млади активирани“

Ние како организација веруваме дека волонтерството е едно од најубавите искуства во животот. Веруваме дека волонтерството може да го промени општеството. Веруваме дека волонтерите се луѓето кои се подготвени да направат промени.

Среќен ден волонтери. Бидете горди бидејќи сте ВОЛОНТЕРИ.