Млади, дали размислувавте што ќе правите оваа есен, по враќањето од летните забавни одмори? Хм, веројатно веднаш помислувате на добро познатото монотоно секојдневие, враќајќи се во училишните клупи. Но, зошто тимот на Младите можат ви ветува поинаква есен?

Активно граѓанство, солидарност, волонтирање, кариерен развој, општествена одговорност, младински фонд, поддршка, соработка, одржливост. Уникатен концепт, добро познат на глобално ниво, моќна алатка за солидарност и општествена одговорност, кој ги обединува сите млади со една цел. Ден кога ќе стекнете искуство за работата којашто отсекогаш сте ја посакувале, а истовремено ангажирајќи се во заедницата за овозможување на подобра положба на младите во земјата. Звучи интересно? Зошто го правиме ова?

Постоиме за да им овозможиме на младите луѓе да станат активни, независни, способни и решителни граѓани кои веруваат дека  МОЖАТ самостојно или здружено да учествуваат и влијаат во позитивните промени и развојот во општеството. Младите се катализатори на промени чиј потенцијал треба да се охрабрува, пред се од нивните заедници. Нашата мисија во наредните 5 години е да ги подготвиме младите за лична позитивна трансформација, да придонесеме кон општество во кое младите се двигатели на промена за слободно и одговорно инклузивно општество.

Првиот чекор кон овој идеал е поттикнување и овоможување личен и социјален развој кај младите. Поддржувачки средини во семејството, училиштето и во пошироката заедница се исклучително важни за развој на ментална добросостојба. Недостатокот на свесност и едукација на младите во врска со личниот развој и менталното здравје за жал не се третираат на соодветен начин од различните актери. Воведување на достапни услуги за нега на менталното здравје, актуелизирање на темата и освестување на младите за важноста од менталната хигиена, преку поттикнување на квалитетни животни навики и осамостојување на младите, го пополнуваат овој јаз во кој формалното образование не успева. Замислуваме млади кои критички размислуваат, имаат свои изградени ставови, финансиски се писмени и имаат можност за самостојно живеење и домување.

За секој поединец, пронаоѓањето на вистинската кариера е процес на обиди и грешки кој почнува со идеја и бара многу истражување низ тоа патешествие. Веруваме во млади кои се мотивирани да го пронајдат своето поле на интерес и делување и да ја креираат сопствената иднина со тоа што се решителни и способни да ги остварат своите цели и соништа на личен и професионален план во насока на посакуваната кариера. Средното училиште, особено поддршката од професорскиот кадар, е прво ниво за почеток на процесот на кариерно планирање и развој на младиот човек и почеток на самоистражување на личните способности, афинитети и интереси. Планирањето на кариера е само еден од аспектите на поврзување на средните училишта со високообразовните институции и со пазарот на трудот. Достапни услуги за кариерно насочување, развој на тврди и меки вештини, поттикнување на претприемнички дух кај младите е огромен чекор кон модернизирање и реформа на системот на образование и негово воведување во економските текови на општеството. Тоа е првиот чекор кој на младите им е потребен кон кариерата од нивните соништа.

Ангажирани заедници, соработка помеѓу државните институции, граѓанските организации и бизнис секторот, поддршка од родителите, врсниците, наставниците, младинските работници и кариерните работници се клучни за креирање на поддржувачки средини за младите. Зголемување на демократските капацитети кај младите, развој на граѓански дух и лидерство во заедницата, вклучување на младите во процесите на локално и национално ниво. Нескромно, веруваме во млади коишто размислуваат глобално, но делуваат локално, млади кои имаат развиено чувство за солидарност, млади кои го инвестираат своето време за подобрување на состојбите во својата заедница, млади кои веруваат во одржлив свет. Токму затоа, ви го носиме Social day, како алатка којашто за 5 години ќе стане препознатлива за младите на национално ниво и ќе овозможи општество во кое МЛАДИТЕ СЕ ЛИДЕРИ НА СЕГАШНОСТА, А НЕ НА ИДНИНАТА.

 

Тимот на Младите Можат