Тимот на извршната канцеларија на Младите можат од 15.03.19 до 17.03.19 учествуваше на семинар организиран од мрежата SAME во Lubeck, Германија.
SAME е всушност кратенка за ‘Solidarity Action Day Movement in Europe’. Ова движење, започнато од неколку организации од различни земји од Европа, подразбира организирање на Ден на солидарноста (Solidarity Action Day). На овој ден средношколците, наместо да посетуваат редовна училиштна наставa, се ангажираат и работат на одредена работна позиција. Нивната плата од тој ден го формира фондот кој понатаму овие организации го користат за поддршка на проекти за и од млади во целиот свет.
Визијата на SAME ги вклучува младите како активни граѓани кои делуваат солидарно и заедно со своите врсници и се залагаат за демократија, еднаквост, човекови права и меѓукултурно разбирање.
SAME гради мрежа на партнери кои соработуваат меѓусебно, си помагаат и ја зајакнуваат мисијата на ова движење преку меѓукултурна размена и споделување на експертиза, знаења и искуства. Нудат можности, неформално образование и континуирано учење едни од други. Преку работата тие дејствуваат и преземаат одржливи акции. SAME ги охрабрува младите луѓе да се информираат, да оформат став, да се залагаат за вредностите кои ги имаат и да преземат акција.
Тимот на Младите можат преку овој семинар ги дозна искуствата и методите на мрежата SAME, организациите во неа и досегашните организирани денови на солидарноста. Преку многу работилници и дискусии ги разгледа можностите и условите за организирање на Ден на солидарноста во Македонија, а по семинарот ќе продолжи со соработка и комуникација со останатите организации кои се дел од оваа мрежа со цел да го доразвие концептот и да истражи како ова движење да го започне и на локално ниво.