Во рамки на проектот „Училиштен форум за заеднички решенија“ тим од 10 средношколци од СУГС „Владо Тасевски“ успешно поминаа низ обуки како да детектираат проблеми во нивната заедница, да ги анализираат проблемите, и да работат на активности за решавање на истите.

За време на обуките тие успеаа да:

  • креираат мапа на училиштето со работите кои им се допаѓаат, не им се допаѓаат, им се корисни, се небезбедни, и треба да се подобрат
  • детектираа главен проблем во рамки на училиштето
  • креираа план на активности кои ќе им помогне при решавање на проблемот

Заедно со менторот во изминатите три месеци активно работеа кон решавање на проблемот, и во моментов се во завршна фаза од неговата имплементација. Токму затоа сакаме да ве запознаеме со тимот од СУГС Владо Тасевски, да го дознаете нивниот проблем и решение, и која е нивната цел.

Накратко претставете ни го вашето училиште!

Нашето училиште СУГС Владо Тасевски е стручно училиште во кое што се изучуваат 3 струки од машинската, електро и собраќајната струка со повеќе образовни профили. Училиштето постои повеќе од 60 години и во него учат повеќе од илјада ученици. Нашето училиште е место каде што учениците се едуцираат, стекнуваат нови знаења, нови искуства, нови пријателства и нови вештини. Објектот во училиштето е опремен со нови и модерни технологии за следење на настава. Стручниот кадар е обучен да ги користи технологиите и да ги пренесе знаењата на учениците. Освен што ги едуцираат децата, тие им ја развиваат креативноста и им помагаат за било каков проблем. Нашето училиште е безбедно место во кое децата го поминуваат своето време за наставата и после наставата во училишниот двор.

Кој е проблемот кој го детектиравте во вашето училиште?

Во нашето учлиште има празен простор кој се користел како сендвичара која не е во  функција веќе неколу години. Па затоа, ние започнавме еден вид на иницијатива со која сакаме да ги поттикнеме младите повеќе да се активираат во општеството за детектирање и решавање на одредени проблеми. Ние го детектиравме проблемот за немање простор за социјализација меѓу учениците, па затоа сега изнаоѓаме начини како да го решиме проблемот и да ја реализираме нашата идеја за катче на социјализација каде тие би можеле слободното време да го поминуваат заедно и да имаат простор за еден вид на одмор, со што би создале подобра училишна заедница.

Накратко објаснете ја работата во вашиот тим кој работи на проблемот и начинот на кој генерирате идеи за имплементација на решението.

Нашиот тим учествува на состаноци со управата на училиштето, со претставници од ”Младите Можат” и на тимски состаноци на кои што генерираме идеи каде што секој од нас има за задача да си го искаже своето мислење и да даде било каква идеја за да го реализираме нашиот проект или да го финилизираме на подобар начин. Па низ нив доаѓаме до можните реални решенија за проблемот и нивна имплементација.

     

Каков импакт мислите дека ќе има со имплементација на решението во вашето училиште?

Со реализација на нашиот проект сметаме дека во просторот кој ќе го уредиме учениците ќе можат да се социјализираат, да се дружат, да јадат, да го поминуваат слободното време, да можат да го користат за едукативни потреби и да го споделуваат знањењето. Тоа ќе допринисе нашето училиште да добие уште едно функционално катче. Со што се надеваме дека слична иницијатива ќе заземат и другите училишта во град Скопје без разлика дали тоа би биле учениците или самото училиште, тоа ќе придонесе и до проширување на нашата иницијатива, а и самиот проект како катче за социјализација.

Што научивте во текот на целиот период во кој како тим работите на заеднички проблем кој заеднички го решавате?

Научивме дека кога тимот работи заедно, детектираниот проблем ќе биде полесно, побрзо и поефективно решен, на тој начин што секој поединец ќе допринесе во тимот со своето знаење, талент и креативни идеи. Заклучивме дека кога се има соработка, освен што се решава проблемот, се стекнуваат и нови искуства, знаења и пријателства. Проблемот тогаш е премногу лесен за решавање и без вложување на целосниот труд, изнаоѓање на соодветна комуникација не можеме да функционираме и исто така сфативме  дека и не е тешко сами да покренеме иницијатива и да ги решиме проблемите кои не засегаат нас како млади луѓе.