Во периодот од  06.11-11.11.2022 во Виена, Австрија беше одржан Еразмус+ тренинг “EMYS Sustainability training“. Уште едно прекрасно искуство каде со себе беа понесени само убави спомени, беа стекнати нови пријателства и беа научени нови вештини.

Со овој тренинг младите, младинските лидери и амбасадори се обучија за методологиите на неформалната едукација и ги подобрија нивните компетенции за фацилитација, застапување и лобирање.

Со вас споделуваме фотографии и ви ги пренесуваме искуствата на младите кои беа дел од овој тренинг.

Јас моето исткуство на EMYS во Виена, Австрија накратко би го опишал како пет дена исполнети со забава, енергетски активности, и смеа. Начинот на којшто целиот проект беше организиран многу ми се допадна затоа што имавме доволно време за одмор меѓу активностите, а исто така и активносите беа многу интересни, па не се чуствував како да бев пре-изморен за време на проектот. Имавме голем број на игри за време на паузите, за време на кои сите учесници слободно можевме да се дружиме и запознаваме. Храната беше веганска и многу ми се допадна, што не очекував да биде случајот. Сите организатори и партнери прекрасно си ја завршија работата, и резултатот беше прекрасно искуство што никогаш нема да го заборавам. – Давид Михаиловски, Делчево

Младинската размена во Виена беше прекрасно и корисно искуство за мене. Тренингот беше информативен и инклузивен, истовремено отворајќи ги моите видици и надминувајќи ги моите очекувања. Организацијата беше на одлично ниво. Запознав извонредни луѓе со кои, верувам, ќе продолжиме да соработуваме и во иднина. – Симона Кабранова, Скопје

Со задоволство можам да кажам дека сум презадоволна од овој проект во Виена. Организацијата беше одлична, сместувањето беше уникатно и целокупната атмосфера беше навистина пријатна. Морам да спомнам дека бев особено пријатно изненадена од веганската храна која беше превкусна. Активностите беа забавни и навистина успеваа во поттикнување на тимски дух и соработка, притоа предавајќи го потребниот материјал на интересен и интерактивен начин. Имав прилика да се запознаам со луѓе од различни култури и мило ми е што добив прилика да слушнам за нивните искуства и да стекнам нови перспективи. Покрај сите други убави нешта кои ги доживеав на проектов, ја имав и приликата да се прошетам низ прекрасната Виена. Без сомнение, искуството беше незаборавно! – Мила Димитриовска, Скопје

Искуство кое што дефинитивно ќе го паметам. Да се биде дел од овој проект за мене претставуваше ново искуство, запознавањето на нови пријатели, нови култури ми претставуваше задоволство. Ми се допадна храната, сместувањето, активностите и програмата и учесниците. Едноставно енергијата беше прекрасна и доминираа positive vibes. – Стефан Алексовски, Битола

EMYS тренинг курсот ми претставуваше одлично искуство. Од запознавање на луѓе од различни земји, до интересни и интерактивни работилници, во Македонија се вратив со прекрасни мемории и пријателства. Преку разните интерактивни работилници, се здобив со знаења и вештини на темите за одржливост и тимска работа, организација на проекти и иницијативи. Севкупно, проектот беше одличен и верувам дека искуствата од овој проект ќе ми бидат многу корисни во иднина. – Александра Христовска, Скопје

Тренингот е дел од проектот Engaging Marginalized Youth for Sustainability (EMYS) чија цел е да се мотивираат и зголемат капацитетите на младите луѓе да станат креатори на промени и да имплементираат иницијативи не само во нивните заедници, туку и на европско ниво.