На ден 22.06.2022 во просториите на Рагуза 360 беше организирана конференција „Дали образовниот систем гради целосни личности?“ на која беа претставени спроведените анализи на тема ментално здравје и кариерно советување. Присутните беа запознаени со моменталната состојба во нашата држава.

„Она што го заклучивме од нашата анализа за ментално здравје е дека во училиштата недостасуваат програми за превенција на ментални нарушувања кај младите. Покрај тоа училишниот психолог кој треба да има главна улога во подобрување на менталната добросостојба, сеуште служи како коректив каде се испраќаат децата кои се недисциплинирани и со ниски оценки“ –  сподели Анита Николовска-Извршен директор на ЗГ Младите Можат

„Нашето истражување за кариерно советување започна со три анализи кои опфаќаат анкети и фокус групи со ученици и родители. Овие анализи ни дадоа до знаење дека учениците не се доволно информирани за своите можности и тие се често жртви на недоволно или неправилно учество на нестручната околина во нивните одлуки. Она на што сите вклучени се согласуваат е потребата за кариерно советување.“– сподели со присутните Ивана Дојчиновска Стојановиќ од Асоцијација на советници за развој на кариера

Дополнително, беа претставени програмите кои имаат за цел да им помогнат од една страна на средношколците да стекнат нови вештини, а од друга страна да им дадат насоки на професорите на кој начин да пристапат кон учениците и во рамки на наставната програма да воведат нови концепти на сподлеување информации.

На самата конференција беа претставени следните програми:

  • Програма за подобра грижа за менталното здравје на учениците во образовниот систем, наменета за наставници и психолози во средни училишта
  • Програма за кариерно советување на средношколци, наменета за учениците од средните училишта
  • Програма за градење на капацитети на кариерни советници во рамки на средните училишта

„На група наставници им го поставивме прашањето што прават на класните часови и добивме одговор дека се разговара за актуелни теми како и за проблеми во училиштето. Истото прашање го поставивме и на група ученици и морам да кажам дека одговорите беа доста различни. Учениците одговорија дека спијат, се караат, повторуваат од научениот материјал, се расправаат за неоправдани дури и дека не го одржуваат класниот час. Ова не е напад према наставниците, туку доказ дека наставниот кадар е преполнет со бирократија. Во оваа програма која ја создадовме, имаме предвидено 2 вежби месечно на различни модули на тема ментално здравје кои ќе се одвиваат на класните часови, а еднаш во полугодието да има подолги работилници кои ќе им помогнат на младите да се справуваат со стресот и самодовербата.“- изјави Тиана Ивановска од Себесложувалка поврзано со анализата и програмата за ментално здравје

„Создадовме и програма за градење на капацитети за кариерно советување на наставници од средни училишта за чија цел спроведовме и анализа според која сите наставници се сложни за потребата на кариерното советување, но истите ја препознаваат и потребата за подобра координација и соработка на сите чинители и неопходноста од вклучување на кариерното советување во образовниот процес.“- изјави Славица Тасева од Асоцијација на советници за развој на кариера

Како краен заклучок од конференцијата се истакнува  важноста од вкученоста на сите засегнати страни за зајакнување на образовниот систем во Северна Македонија со прифатени политики за сервиси за ментално здравје, функционални програми за кариерно советување и зајакнати животни вештини кај младите. Професорите,  училишните психолози и училишните служби се оние кои се најприсутни во овој период од животот на младите и од клучна важност е нивната едуцираност и способност за препознавање и поддршка на младите . Воедно сите присутни го споделија ставот дека програмите за менталното здравје и кариерно советување треба да бидат дел од редовната наставна програма.

Оваа конференција е дел од проектот All for YOU(th)! кој е финансиски поддржан од Европската Унија, а го спроведува Здружение на граѓани Младите можат.