Младинската иницијатива за промени во средното образование на 30.04.2018 (понеделник) во просториите на Агенција за млади и спорт оддржа јавна дискусија под мотото Практикувај дискусија,дискутирај пракса!
Младинската иницијатива има за цел да ја воведе практичната настава како дел од формалното средно образование. Тргнувајќи од своите искуства како средношколци оваа група на млади верува дека практичната настава ќе успее да изгради општество со поголем процент на работоспособна младина, ќе им помогне на младите при избор на своите студии како и во текот на средното образование ќе им ги надоградува нивните знаења.
Според анкетата која што беше спроведена во месец Март од Младинската иницијатива за промени во средното образование, на која што одговорија 574 средношколци, дури 99 % од нив сметаат дека треба да се воведе практична настава во средното образование.
Во двочасовната дискусија присутните имаа можност да ги слушнат ставовите на сите засегнати страни од овој проблем како и самите да се вклучат со свои ставови и гледишта на темата.
Анџела Арсенијевиќ и Горазд Ордановски, средношколци во СУГС,, Георги Димитров” имаа можност да истакнат колку практичната примена на нивното знаење ќе им помогне да се надоградуваат и да го напуштат средното образование како повеќе работоспособни млади. Тие сметаат дека ова е долг процес на кој што треба да се работи, па и идните генерации да би добиле поквалитетно образование.
Професорот по физика, Јован Јанушевски истакна дека практичната настава мора да биде воведена во средното образование. Досегашните примери покажуваат дека средношколците кои своето знаење го примениле со практични примери покажале поголеми резултати од оние кои немале практична примена.
Стефани Спировска, претседател на Младинскиот образовен форум, истакна дека тие како Младински образовен форум се стремат да ја воведат дебатата и критичното размислување во средното образование. Тие исто така формираат дебатни клубови каде младите ќе можат да ги надоградуваат своите ораторски вештини.
Настанот е организиран од Младинската иницијатива за промени во образованието како дел од проектот Младински лидерски иницијативи реализиран од Здружението на граѓани Младите Можат. Голема благодарност и до Кожувчанка, Добра Вода, Слаткарница Ла Крем, Фротирка, Пивара Скопје како и Агенција за млади и спорт кои помогнаа да се реализира овој настан.