Тимот од општина Аеродром, кој е дел од програмата за локален младински активизам на Младите можат, работи на иницијатива за основање на Младински културен центар во општината и отвора повик за учество на еднодневна креативна работилница.
Младинскиот културен центар SLAP (Sounds Like A Plan) ќе биде составен од 5 клубови кои ќе бидат активни во следните области:
– Драма
– Поезија и проза
– Музика
– Фотографија
– Сликање
Во рамки на овие клубови учесниците на работилницата ќе можат да ги зголемат своите знаења и вештини од областа која ја избрале преку интересни и интерактивни активности. Работилницата за секоја од областите ќе ја одржат, како што тимот ги дефинираше, мотиватори кои се професионалци во својата област. Темите на работилниците од секоја област ќе бидат откриени и презентирани на самиот ден, смислени од членовите на тимот на SLAP. По завршувањето на активностите учесниците ќе имаат можност да ги презентираат своите дела, кои ќе останат во Културниот Центар SLAP како обележување на почетокот на работата на новото креативно катче во општината.
Работилниците се отворени за сите млади од Град Скопје, независно во која општина живеат. Истите ќе бидат одржани на локација која ќе биде дополнително објавена.
Сите заинтересирани млади можат да се пријават за учество со пополнување на апликацискиот формулар на овој линк, најдоцна до 26ти јуни (вторник), 23:59.
Иницијативата за основање на младински културен центар е дел од Младински локални иницијативи, програма од едногодишниот проект на Младите можат – Академија за младински активизам кој е поддржан од германската фондација Schüler Helfen Leben.