Еколошки катастрофи и електронски отпад беа во фокусот на 2-часовната изложба која се одржа на 27ми април 2018 г., со наслов „Естетика на грдото“.
„Естетика на грдото“ беше организирана од младинската иницијатива ViridiQ, во соработка со Нула-Отпад и се одржа во културниот центар „Димитар Влахов“ Автокоманда.
За најдобрите 3 фотографии на изложбата одлучија повеќе од 100 присутни гости заедно со жири комисијата составена од Ана Каранфиловска, раководител на секторот за управување со отпад при МЖСПП; Марјанчо Дамески, директор на „Нула Отпад“ ДОО и Бранкица Василева, дел од извршната канцеларија на Младите Можат.
На изложбата се прикажаа слики од нашето секојдневно опкружување, со фокус на отпадот околу нас. Преку оваа изложба се обидовме да ги поттикнеме присутните да размислуваат за отпадот кој го создаваат и да пристапат кон негово намалување.
Изложбата е финалето на истоимениот фото-конкурс, каде што во потесен круг дојдоа 21 автор, со 29 слики.
Победниците се следниве:
Прво место: Ана Крстевска (Награда: Курс за графички дизајн од Brainster)
Второ место: Ана Андонова (Награда: Шатор)
Трето место: Марија Ризова (Награда: Ранец)
Овој настан беше само еден од многуте организирани од тимот на ViridiQ. Се работи за младинска иницијатива која цели да ги охрабри граѓаните да направат промена во начинот на нивното живеење, да преземат акција, да развијат еколошки навики и да се стремат кон создавање помалку отпад. ViridiQ е иницијатива која е дел од проектот „Младински лидерски иницијативи“. Проектот е реализиран од страна на Здружението на граѓани Младите можат, а поддржан од Швајцарскиот младински совет (SAJV) и Асоцијација SEED од Швајцарија.