Менталното здравје е клучен дел од општата добросостојба на децата и адолесцентите. Средношколците, како специфична социо-демографска категорија која проаѓа трансформативна фаза од психолошки, социјален и економски карактер, се посебно ранливи на акутни и хронични нарушувања на нивното ментално здравје. Сепак, пристапот на средношколците кон услуги кои ќе им овозможат да го подобрат менталното здравје е ограничен.
На ден 31.08.2022 во просториите на Europe House Skopje беше организирана конференција „Да си посакаме подобро ментално здравје во новата учебна година“. На почетокот на секоја училишна година, ние посакуваме учениците да имаат одличен просек, академски успех, да обрнуваат внимание на часовите и слично. Но, за да можат тие да го постигнат тоа, пред се тие треба да имаат добро ментално здравје и да знаат како да одржуваат соодветна ментална хигиена. Затоа, пред почетокот на новата учебна година, пред 1 септември, ние сакаме да им посакаме успех за подобро одржување на нивното ментално здравје.
Во однос на состојбата на терен поразувачки беше фактот што 60 % од младите се информираат на интернет, а само 9% од нив се информираат во училиштето. Иако е многу позитивно тоа што младите сакаат да се информираат и едуцираат за да преземат контрола врз своето ментално здравје, прашање е колку реално нашите служби и институции ги контролираат тие информации и содржини до кои младите имаат пристап, со чест на исклучоци на одредени организации.- вели Софија Стојановска од Здружение на граѓани Младите можат.
Од спроведената анализа на моменталните политики, правно-институционална поставеност како и значаен фокус на прибирање на примарни податоци, може да се дадат следните клучни препораки:
- Зајакнување на капацитетите на психолошко-педагошката служба со цел реализирање на едукативни активности на национално ниво во однос на актуелните проблеми и предизвици со кои се соочуваат младите. Истото подразбира активна вклученост на Министерството за образование и наука во креирање и имплементација на систематизирани едукативни работилници, во зависност од потребите, спротивно на моменталните пракси кои се основаат на изолирана самоиницијативност на службите во училиштата.
- Засилување на напорите за имплементација на Националната стратегија за унапредување на менталното здравје 2018-2025. Тоа подрзабира зголемени средства за имплементација на предвидените мерки чија имплементација во голем дел беше ограничена со пандемијата на Ковид-19. Дополнително, важно е Министерството за здравство како и Националната комисија за ментално здравје да работат на зголемување на запознаеноста кај различни типови на чинители во однос на активностите кои произлегуваат од стратегијата како и очекуваниот бенефит.
- Воспоставување пракса на редовни состаноци помеѓу училиштните психолози и учениците со цел зголемен опфат при адресирање на предизвиците поврзани со воздржаноста на средношколците да пристапат кон психолог, но и обезбедување на еднаков пристап и анонимност;
- Унапредување на наставните програми во средните училишта
На големо сеуште постои стигмата за доаѓање на сесии, повторно ќе кажам проблемот е системски. Психолошката „сцена“ е многу пасивна. Идејата не е реактивно да се работи, потребен е проактивен пристап. Пристап каде возрасните кои ги имаат потребните ресурси за младите ќе повлечат иницијатива да им помогнат, да им ја пружат таа потребна помош, самата идеја на обуките е да се обучат наставниците и стручната служба да го направат токму тоа.- го истакна своето мислење Тиана Ивановска од Себесложувалка
Како заклучок од целиот процес е дека кај средношколците постои ограничена информираност во однос на достапноста на професионална поддршка, како резултат на несистемско информирање. Дополнително, можноста средношколците финансиски да си дозволат советување е ограничена, без системски да се обезбеди поддршка за пристап. Сите препораки кои произлегоа од анализата ни се насочени кон Министерство за здравство, Министерство за образование и наука и Министерство за труд и социјална работа, како главни чинители потребни за ваков тип на систематизација.
Анализата и добиените податоци се достапни на следниов линк, на македонски и албански јазик. https://youthcan.org.mk/publikatsii/
Оваа конференција е дел од проектот All for YOU(th)! кој е финансиски поддржан од Европската Унија, а го спроведува Здружение на граѓани Младите можат.