Back2Basics ’22, повторно Холандија, повторно Оммен, повторно авантура, искуство кое се памети и животни лекции кои, не знам каде на друго место може да се научат- ова е генералниот коментар на младите по враќањето од младинската размена во Холандија која траеше 14 дена. Со вас споделуваме фотографии и нивни впечатоци.

Размената Back to Basics беше одлично искуство. Се запознав со многу личности од различни земји и потекла и создадов многу долгорочни пријателства. Научив многу за културите низ Европа, и воедно каков е животот во Холандија. Со разните необични работилници и предизвикувачки активности, си ги подобрив своите тимски и лидерски способности, комуникациски вештини и англискиот јазик. Искуствата од оваа размена ми помогнаа да подобро се запознаам себе си, како и своите цели за иднината. Заклучно, Back to Basics е прекрасна едукативна размена, која топло би ја препорачала на секој кој сака  нов предизвик и авантура. – Александра Христовска

Back2Basics ’22, повторно Холандија, повторно Оммен, повторно авантура, искуство кое се памети и животни лекции кои, не знам каде на друго место може да се научат. Но, овој пат отсуствуваше возбудата, немаше страв од непознатото, не постоеше непознато. Едноставно, се враќам на место каде што сум создал прекрасни спомени и се чуствував речиси како да се враќам дома. Иако предмалку реков дека непознатото не постоеше, новото издание на оваа размена навистина беше “ново”, поразлично од минатата година и тоа пријатно ме изненади. Запознавање со луѓе од цела Европа. Работилници, предавања, задачи, предизвици и натпревари, но сѐ во духот на неформалното образование. И навистина се исполнуваат сите очекувања за она што концептот на неформално образование може да понуди. Знаењето и искуството кое се стекнува тука не се веднаш воочливи, но тоа не така случајно. Овде се учат длабоки лекции, кои, за да се разберат треба време. По речиси една седмица помината заедно во Оммен, започнува добропознатиот, т. н. outdoor experience. Во кратки црти, вистински тест за сѐ она што е научено во првиот дел од размената. Без пари, телефон, храна, само со едно плико на кое е напишана дестинацијата за тој ден, и, секако, ти, и уште четворица членови на твојот тим, а тоа е најскапоценото нешто кое може да се има во тие четири дена. Таа група од петмина, тие четири дена, претставува едно семејство. Тие еден на друг се и браќа и сестри, и другари и другарки, и раме за плачење и причина за насмевка , и топла прегратка и подадена рака. И премногу нешта се случуваат во тие 14 дена поминати во Холандија, премногу сеќавања, премногу убави моменти и премногу лекции се учат. Премногу за ова прекратко време по крајот на размената да може да ги разбистри сите тие значајни случувања. И сѐ уште не знам што и колку имам научено, но за едно сум сигурен. Ова е одлична можност за секоја млада личност да запознае различни култури, да стекне интернационални пријателства, да помине одлични две седмици во Холандија, но најважното е дека ова е одлична шанса за вложување во себе и себеспознавање. Пријавете се на следното издание на Back2Basics и откријте што ќе научите за себе. – Борјан Кочковски

Младинската размена Back to Basics придонесе за мој личен и професионален развој. Во текот на четиринаесетте дена во Холандија преку различни активности научив многу за комуникација, тимска работа, лидерство и иновативност. Заедничкиот живот со млади од уште 8 различни земји ги збогати моите знаења за различностите и сличностите во мозаикот наречен Европа. Оваа размена ме направи побогатата за уште еден спомен и нови пријателства кои што се надевам ќе траат уште долго. Благодарна сум за можноста и ја препорачувам на секој млад човек што има авантуристички дух. – Јана Иванова

Back 2 Basics е размена наменета за развивање на претприемачки и комуникациски способности и градење на тимски дух преку соработка и константни тимски активности. Размена од која посакував да сум дел три години. Размена за која мислев дека знам речиси сѐ, и дека сум спремна за што и да ми донесе.  Сепак, Back 2 Basics беше сѐ освен очекуваното. Додека активностите беа убаво испланирани и поучни, тие исто така беа многу забавни и едноставни, но не секогаш лесни. Убавината на овие активности беше што не ни оставија друг избор освен да ја надминеме комфортната зона. Тоа всушност беше постепен вовед во главните 4 дена кои нѐ чекаа, односно the outdoor experience. 4 дена кои знаевме дека ќе се случат, но не знаевме точно кога.  И така, едно убаво утро во 6 часот, после журка и дружба до 3, бевме разбудени од силна бучава, главно создадена од капаци од лонци и викање. Поделени во тимови од 5 луѓе, 30 минути за пакување, без телефони, пари, мапи, без ништо што би ни го направило ова искуство секојдневно. Од првата задача да направиме рафт на кој ќе пловиме по реката, па сѐ до враќањето по истата со кајак, тие 4 дена беа искуство кое е невозможно а да не го “растресе” човек. За прв пат вистински сфатив колку далеку може да отидеме ако едноставно прашаме, без разлика за кој аспект од животот станува збор.  Во тим со луѓе кои претходно не ги запознав многу добро, овие неколку дена ми овозможија вистински да ги запознаам. Комбинирајќи ги сите индивидуални способности, успеавме да создадеме прекрасни моменти за секој од нас, иако немавме ништо. Иако на почеток беше тешко, бидејќи на некој начин се чувствуваше како просење, со убав и топол пристап, стигнавме далеку. Заедно се сретнавме со прекрасни луѓе кои не само што ни помогнаа, туку и луѓе со кои исто така се сплотивме.  Средбите со сите тие луѓе беше потсетник дека светот го красат со добронамерни, човечни личности, и дека секогаш треба да се стремиме да бидеме едни од нив, без да очекуваме нешто за возврат, исто како што ние во нашиот случај, немавме ништо за возврат освен позитивната енергија која ја носевме постојано. Деновите прелетаа, а со тимот се вративме во Омен како едно семејство и со преполни срца, со насмевка и едно незаборавно искуство на кое вреди да се потсетуваме секојдневно, како водилка низ животот која ќе не потсетува дека секогаш треба да ги цениме сите мали нешта, но и дека секогаш имаме моќ да го промениме она што не нѐ исполнува. Минувајќи низ овие 2 недели, разбрав дека иако комфортната зона е тешка за напуштање, кога ќе се случи тоа, уште потешко е човек да се врати во неа. – Темјана Анѓушева

 

Што всушност е Back 2 Basics? Размена. Тоа е единственото нешто што можам да ви кажам, а да не ви го одземам задоволството и низата изненадувања кои следат со оваа размена. Ова не е вообичаена размена, B2B е нешто друго, ново и поинакво. Размената е искуство… искуство кое е толку невообичаено, но толку посебно и инспиративно. Искуство кое може само да се доживее, но не и комплетно да се опише.  За мене оваа размена значеше многу, дознав работи за себе кои не сум ги знаела или воопшто не би помислила дека би ме интересирале. После сите оние активности кои ги имавме и за кои се прашував која е нивната цел, научив што значи да се биде дел од тим, ја согледав разликата помеѓу карактерите на учесниците и како тие влијаат на групната динамика. Во најтешките моменти ја согледав и важноста на кооперацијата и интеракцијата на секој поединец во групата. Но, најважно од се, разбрав дека секој од нас има посебна улога, посебна дарба која треба максимално да се искористи. Секоја индивидуа има свој енормен потенцијал кој треба да се негува и постојано да се надградува. Оние кои си ја знаат улогата, кои се активни и се трудат да бидат подобра верзија од себе, се оние кои во целост ќе го достигнат својот потенцијал.  Доколку се решите да се пријавите на оваа размена, во ниеден случај нема да зажалите за таа одлука. Но, едно нешто што треба да знаете е дека невообичаен ефект од оваа размена е тоа што ќе се вратите како сосема нова и различна личност, можеби нема да ја почувствувате промената веднаш, но можам да гарантирам дека таа ќе се случи. Па запрашајте се, дали навистина промената е лоша? – Делфина Саздовска