Родена во Куманово, средношколка во Гимназијата, со само 18 години веќе непречно и гласно го кажува тоа што го мисли, дебатира и дискутира на теми кои смета дека се важни за нејзе и општеството во кое живее. Покрај тоа, својот активистички дух го изразува и преку пишување, како млад писател таа е творец на делото Искра, објавено во 2020 година, автобиографско дело кое ја обработува темата за семејно насилство. Анастасија Младеновска е голем ентузијаст и обожава кога делата го отсликуваат нејзиниот збор. Во слободно време таа пишува, се учи да свири на укулеле, спортува и од почетокот на 2021 таа е член во Младите можат и уште сега го опишува членувањето како преубаво искуство за нејзе.

Денес, на 8 март – денот на жената, ние и се обративме на нејзе да ни го каже своето мислење и тоа што го напиша допира до сите и ни покажува како треба да го одбележиме денешниот празник. 

 

Не само денес, туку секоја секунда

Дали сте знаеле дека глобално 130 милиони девојчиња не се здобиваат со скоро никаков или минимален степен на образование? За многу од нас овој факт наметнува многу нови прашања, како што е што значи да се биде жена во модерното општество? Кој е моментот кога сфаќаме за својата привилегираност во Светот на константна промена? Кога вежбаме, учиме, се враќаме кон автомобилот од забава, пристапуваме кон нови методи за комуникација со општеството, се бориме, пееме, сме жедни за вивидност на нашите личности, плачеме, се смееме, просто, кога живееме? Жените што јас ги познавам се перфектни во своите имперфекции. Жилави суштества кои тежнеат кон своите соништа и со секој здив стојат на својот збор и ставовите. Жените што јас ги познавам се силни и самоуверени, агресивни, кокетни, фрагилни, активни, атрактивни, душевно убави, интелигентни, палави и цврсти. Жените што јас ги познавам се луѓе (!), луѓе кои не се осмелуваат да направат грешка и да се поколебаат за своето место во заедницата, луѓе кои многу потешко чекорат по скалите до врвот. За жените од моите простори, ми стои кнедла во грлото затоа што нивните приказни никогаш не се тоа што изгледа на површина. Нашите жени се еквивалент на наши хероини, мајки кои не протуркале девет месеци, сопруги и ќерки пред кои секогаш стои некоја сопствена или лична заменка.

Што е 8ми март? Дали е луксуз за жената од нашите простори и дали воопшто ги знаеме нашите хероини?

Меѓународниот ден на жената историски се протега на источниот брег помеѓу реката Хадсон и Атлантскиот Океан кога на 28ми Февруари 1909 година кога во градот Њујорк бил одржан првиот Национален ден на жената од страна на Социјалистичката партија на Америка по предлогот на Тереза Малкиел која што била Украинка, родена во Америка, активистка и едукаторка. Тереза Малкиел била првата жена која успеала да премине од работа во фабрика кон лидер на Социјалистичката партија. Моја прва хероина е Веселинка Малинска која се придружила на комунистичката партија на Југославија во 1936 година и феминистичкото движење „Женски покрет“ во 1939 во Белград. Освен тоа, Веселинка била и член на извршниот одбор на женскиот антифашистички фронт на Македонија и уредник на Македонка ( првиот женски весник во Македонија). Била истакнат активист во кумановското студентско друштво (во летото 1937) и била избрана за член на МК на КПЈ во Куманово.

Сакам да се запрашате кои се жените кои вам ви ги скокоткаат стапалата и кои ве тераат да застанете на прсти и уште да ја допрете височината која отсекогаш ви се чинела недостижна, не само денес, туку секоја секунда? Дали ќе можете да ги наброите на прсти и да се сетите на храбрите, дарежливи, мили, амбициозни и имиња кои говорат за емпатија? Дали можеби ќе ви текне на мама, Накие Бајрам, Севасти, Малала, Роза Паркс, Веселинка, Бужаровска, Камала, Кали Учис, Вулф или било која друга женска фигура која е доминантна во вашето секојдневние? Што значи нејзиното присуство за вас?

Денес, 8ми Март, меѓународен ден на жената е ден на предизвици. Нека биде ден без стеги и окови. Препознаени за посветеноста и креацијата, инклузивноста, солидарноста и поддршката. Жената веќе да не биде одговорна и причина за успехот на мажот зад кој таа стои. Се започнува со верување.Со верба без сомнеж, со неизмерна доверба во матрицата и системот кој не израснал.

Боите на меѓународниот ден на жената се виолетовата, белата и зелената. Виолетовата која укажува на правдина и гордост, белата на чистина и невиност (контроверзен концепт) и зелената на надеж, не само денес, туку од илјада деветстотини и осмата. Виолетовата боја има многу интересна историја која датира околу дваесет и пет илјади години наназад во Франција, како најстара боја користена од човечкиот род. Во Католичката црка виолетовата е боја на понизност и скромност, меѓутоа во општеството се регардира како боја на суета, која ретко постои во природата и привлекува внимание, се гледа како боја на индивидуализам и екстравагантност. Боја на луксузот и ројалните капии.

Жените што јас ги познавам се неутешна комбинација на секоја карактеристика и секоја придавка, кои никогаш нема да се извинат за тоа што се. Затоа, денес, на овој најубав празник, најпристојно е да го славиме индивидуализмот и достигнувањето на секоја жена од глобусот. Уште поважно е постојано да сме љубопитни, да се запрашуваме до каде сме стигнале и зошто се бориме. Човек воден од страв низ тунелот на животот, бргу ослепува, а оној без трпение, не знае ни дека поминал низ него. Затоа, за овој ден, сакам да си простите себеси, (не си виновна што живееш во кафезот на патријахатот), да си простиме за да можеме решетките полесно да ги свиткаме, да се засакаме себеси и X хромозомите кои го дефинираат нашиот храм кој треба со нежност кон себе да го храниме, не само денес, туку секоја секунда. Да изградиме еден круг на меѓусебна почит, инспирација и едукација.

Но, тешко е, бидејќи таквиот пристап не се постигнува преку картонска честитка и најлонска роза еднаш во година, туку со континуирана рефлексија на личноста, кога веќе свесно ја фаќаме потсвеста во мрежа на системот. Кога контролата врз нашиот живот, значи и развој и флексибилност во однос на креирање на една интеркултурна и кохезивна заедница, не само денес, туку секоја секунда.

На 8ми март најтешко од се е да се биде жена затоа што многу од нас се уште јасно тоа го немаме прифатено, се уште гласно не сме се изјасниле колку болка е секоја секојдневна активност како одење сама во парк или читање книга на клупа пред зграда, непристрасна параноја за облеката што покажува малку повеќе кожа, чувството на немоќ, манипулација, објективизацијата….па, дали е среќен 8ми март? Ако сме успеале да се едуцираме, да размислуваме, да чувствуваме, да се ослободиме од прангите на минатото, а сепак да копнееме по фундаменталната безбедност и заштита? На 8ми март најтешко е да се биде жена затоа што се уште секоја жена е и мајка, ги извршува домашните задачи, раѓа деца, наводно многу сака шопинг, прави мултитаск со секој проблем, се очекува секогаш да е агилна и емотивна, да работи како професорка или медицинска сестра и да се појавува во своето најдобро светло – слаба и благодарна. Што е со хиперженственоста – пасивна, наивна, мека, сексуално неискусна, грациозна, мајчински и флертувачки настроена девојка? На многу малку од нас ни е јасно дека ваквите родови стереотипи можат да бидат фатални бидејќи не ни дозволуваат целосна експресија на себе си и своите емоции иако имаме многу да му понудиме на Светот од обичниот факт дека сме родени како жени.

Зошто некој пренатален дел од нас како фактот за рано ембрионално формирање на нашите гениталии да ја
определуваат нашата улога и судбина?

Оваа година е година на лидери и потешкотии. Година на автентичните жени и уникатноста на тоа што досега постигнавме. Многу постигнавме, многу научивме, но допрва ќе се бориме, не само денес, туку секоја секунда!