Анамарија Јанкова, заврши во средното медицинско училиште во Скопје, а денес студент по општа медицина на факултетот во Скопје. Личност која последните 2 години работи на својот личен раст и развој во повеќе програми во Mладите можат но, особено активна како врснички едукатор за подигнување на свеста за себе грижата и менталното здравје.
Инспирирана од сите случувања, дискусиии и објави од минатата недела за светскиот ден на здравјето но и од сите случувања во текот на последниве 365 дена таа со вас сака да сподели неколку мисли за здравјето, физичкото и менталното.
„7 април“ – Обичен датум или нешто повеќе?
Што е 7 април? Дали само еден обичен квадрат на нашиот календар или пак израз во цифри на ќошето на нашиот екран. Како и сите денови кои ни минуваат, едноставно летаат и тој на крајот останува пречкртан со сосем бледи траги од тогашните случувања. Но, овој ден не треба да го занемариме. Не сега за време на оваа жестока борба за опстанок. Колку и да звучи тоа драматично не треба да заборавиме да го прославиме 7 април- „Светскиот ден на здравјето“.
Колкумина од нас го знаеа значењето на овој ден само пред година и пол? Да бидам искрена дознав за него кога бев средношколка бидејќи е патронат на моето средно училиште. Нели тој ден не се оди на училиште. – Јупи! Тогаш воопшто не разбирав што всушност прославуваме. Впрочем и многумина од нас го гледаа како некоја формалност за која што можеби ќе има некој говор на телевизија или пак некоја презентација на училиште. И така денот ќе си помине како и секој друг. Но, еве не сред некоја неизвесност која трае веќе година дена. Сега значењето на зборот „здравје“ ни е длабоко врежано во нашата потсвест, нашето битие.
Секојдневно се шират најразлични информации за тоа како ние да се грижиме за него, како да го зачуваме. Пиеме витамини, затворени дома и без многу меѓусебни контакти и дружби, а како последица на тоа ја користиме секоја прилика да излеземе надвор и повеќе пешачиме избегнувајќи јавен транспорт. Почнавме за жал ние луѓето да се отуѓуваме едни од други. Ова однесување особено беше амплифицирано за време првите неколку седмици кога мислевме дека оваа ситуација е „минлива“. Но, не е „минлива“ и сега е наше секојдневие. Некои работи ни станаа рутина и би рекла се затворивме кон надворешниот свет.
Од една страна сум многу среќна што конечно почнавме повеќе внимание да обрнуваме на нашето здравје и како истото да го подобриме. Од друга страна кога зборуваме за здравје, најчесто мислиме на она физичкото. За жал, она менталното здравје се повеќе се занемарува. Во овие моменти сме среќни што го имаме физичкото и си велиме – „ Ајде да сме живи и здрави.“ Потајно потиснувајќи ги потребите на нашето ментално здравје пополека го губиме и физичкото. Потоа се чудиме како сите тие нови „здрави“ навики не функционираат. Тука многу грешиме бидејќи едно без друго тие не можат да опстојат. Ниту физичкото, ниту менталното.
Како едукатор во склоп на „Едукативната програма за развивање на свест за значењето на менталното здравје“ спроведена од страна на здружението „Младите можат“ особено се најдов „очи в очи“ со овој проблем. Не сакам да го користам зборот проблем, повеќе би рекла дека е област од нашите животи на која и е потребно поголемо внимание. За мене водењето на работилниците и комуникацијата со моите врсници беше и е едно од главните нешта кое го одржуваше моето ментално здравје. Се надевам дека на некој начин сум им помогнала и на другите да го одржат или да започнат да се грижат за него. Тоа е и всушност мојата примарна цел.
Сметам дека секој од нас го има тој потенцијал да предизвика промена не само кај себе туку и кај другите. Токму затоа сите ги охрабрувам во овие моменти да не ги чуваат тие немири заклучени во некој таму „забутан“ резен во мозокот и да се соочат со тој метеж на мисли. Не мора сите одеднаш, една мисла по друга. Сите ние цел живот се надградуваме и осознаваме себеси како личности и индивидуи кои опстојуваат во општеството и надворешниот свет.
На фронтот на оваа битка за нашето здравје токму во првите редови се наоѓаат здравствените работници. Нивната борба е тешка со непреспиени ноќи и приватни животи ставени на пауза, се со цел да помогнат во подобрување на состојбата во која се наоѓаме, односно битката за спас на секој човечки живот. Тие се оние гиганти со натчовечка сила на која треба да гледаме со голема почит и восхитување. Тие се хероите на денешницата, но сепак се луѓе и затоа не треба да ги занемариме и нивните потреби и нивното физичко и ментално здравје. А за возврат од наша страна да ги почитуваме нивните препораки за грижата на нашето здравје, помагајќи во борбата за подобра и здрава иднина.
Би продолжила да пишувам уште многу, но сметам дека тоа доста би ве уморило. За крај ќе ве оставам само со една шпагета од реченица што е обид за дефиницја. 7 април- Светскиот ден на здравјето е ден на кој се слави триумоф на животот врз смртта и храбрите воини кои целосно го дадоа својот живот за оваа кауза.