Во 1999 година, Обединетите нации решија дека има потреба секоја година да се одбележува ден на младите, ден на кој што граѓаните низ целиот свет јасно и гласно ќе ги споделат проблемите и предизвиците со кои се соочуваат младите сегде. Тој ден е 12 август.
Пред малку повеќе од една година ве повикавме на акција користејќи ја следната изјава „Млади, дали размислувавте што ќе правите оваа есен, по враќањето од летните забавни одмори? Хм, веројатно веднаш помислувате на добро познатото монотоно секојдневие, враќајќи се во училишните клупи. Но, зошто тимот на Младите можат ви ветува поинаква есен?“. И да есента дефинитивно не ви беше монотона и беше многу поинаква од било која есен што до тогаш сте ја доживеале. Но, не ја имавме на ум пандемијата кога ви ветувавме нешто поинакво, не очекувавме ни ние дека нема да се вратите во училишните клупи, дека ќе учите од дома и нема да ги запознаете вашите врсници. Последните две години се соочивте со проблеми и предизвици кои што го размрдаа вашето секојдневие, предизвици за кои што не се зборува доволно, барем не на начин кој што не доведува до вистинските решенија. Но, реалноста е таа и немаме можност да се вратиме на тоа што било, напротив сега е времето да се направат вистински промени и да создадеме реалност која ќе биде инклузивна за сите млади, реалност во која што гласот на младите ќе биде меѓу првите за креирање на нови промени и политики.
Денес, но и секој друг ден сакаме да те охрабриме да го споделиш своето мислење гласно прво со другите млади, а потоа и со носителите на одлуки. Да им кажеш дека има потреба од креирање на инклузивни политики за поддршка на младите и идните генерации, механизми кои што ќе го засилат колективниот и индивидуалниот труд за да се зашити планетата и животот на нејзе. Заеднички да создадеме практики кои ќе ни помогнат да ги намалиме влијанијата од климатските промени, да имаме подобар здравствен систем, квалитетно образование и социјална инклузија на сите млади во општеството. Биди гласот на младите, гласот кој ќе поттикне развој на нови решенија за предизвиците кои допрва ни следат.
Секако, младите не можат да го постигнат тоа сами, на нив им требаат партнери кои ќе им обезбедат простор да бидат вклучени, активирани и разбрани за тоа кои се нивните барања, идеи и замисли. Носителите на одлуки треба сериозно да ги сфатат младите и да им гарантираат дека ќе ги слушнат нивите барања и предлози кои имаат за цел да креираат инклузивно, фер и одржливо општество.
Среќен интернационален ден на младите!