Почитувани,
Чест ни е да Ве поканиме на панел диксусијата „Влијанието на различните средини врз менталното здравје на младите“, на која експерти ќе говорат за влијанието од три различни аспекти.
Регионалниот настан во Скопје има за цел да ја подигне свеста за важноста на влијанието на образовниот систем, семејството и врсниците врз развојот на младите преку споделување на знаењето на експертите и собирање на информации преку тркалезна маса на чија основа потоа ќе се креира документ за јавни политики. Дополнително, во текот на проектот и процесот на изработка на документот за јавни политики, ќе бидат организирани уште 3 регионални настани во Битола, Штип и Гостивар. Овие настани се во неформален амбиент и учесниците ќе имаат можност преку принципот на world café, во мали групи, да разговараат на темата од 4 различни аспекти. Потоа, сите учесници ќе дискутираат за ставовите на сите поединечни групи и ќе донесат заеднички заклучок. Врз основа на заклучоците експерт ќе изработи документ за јавна политика кој ќе содржи мерки и предложени пристапи за донесителите на одлуки кои го засегаат менталното здравје на младите.
Дискусијата ќе биде модерирана од страна на Анита Николовска, Извршен директор на Младите можат. Гости говорници на настанот се психолог Ана Попризова која ќе зборува за влијанието од аспект на образовниот систем, психолог Марија Стефанова која ќе ја сподели својата експертиза за влијанието на семејството врз менталното здравје на младите и Александар Милошевиќ претставник од нашата партнер организација Y-peer Македонија кој ќе зборува на темата од аспект на влијанието на врсниците.
Детали за настанот во Скопје:
???? 6 април
⌛ 12:00 – 14:30 ч
???? ТЦЦ Гранд Плаза
Поради ограничениот број на учесници согласно мерките за справување со Ковид-19, Ве молиме да се пријавите на следниот линк. На учесниците кои ќе доаѓаат од други градови ќе им бидат покриени патните трошоци во висина на автобуски повратен билет доколку уредно ги сочуваат и ни ги достават доказите за превоз.
“Ментално здравје – сега е моментот“ е проект кој Здружението на граѓани Младите можат во партнерство со Y-peer Македонија, го спроведува како дел од Еразмус плус програмата поддржана од Европската Унија. Нашето четиригодишно искуство во спроведување и поддршка на иницијативи за промовирање на важноста на менталното здравје на младите и сите предизвици со кои се соочивме, ја истакнаа потребата да се влијае на темата преку сеопфатен систематски пристап. Иако темата почнува да се актуелизира кај младите, таа е се уште табу за поширокото општество, па затоа преку овој проект сакаме да ја подобриме соработката помеѓу различните засегнати страни во граѓанското општество за промовирање на важноста и потреба за грижа за менталното здравје на младите како основна компонента на личниот раст и развој.

При организацијата на настанот ќе бидат запазени сите заштитни мерки и насоки усвоени од Владата на Република Северна Македонија.