Нина Атансовска, млада волонтерка од Северна Македонија која мината година ја помина во Schüler Helfen Leben промовирајќи го Social Day и неговите бенефити за младите во Германија и пошироко. 

 

 

Моето искуство со Social Day во Германија

Дознавајќи дека мојата апликација да волонтирам за младинската организација Schüler Helfen Leben во Германија е прифатена беше слатко-кисело искуствo. Од една страна едвај чекав да отпатувам за Германија и да почнам да собирам нови искуства, да го научам јазикот, да запознаам нови луѓе и да се осамостојам. Од друга страна самореализацијата дека ќе живеам сама во Германија, 2000 км одалечена од се онаа што го познавам и што ми е блиску до срцето, без мама и тато, без пријателите со кои се дружам веќе четири години, без моето семејство и  круг на блиски, беше застрашувачка замисла, не само што се плашев дека ќе пропуштам важни настани, туку се плашев дека нема да можам да се справам со таква огромна промена. Самосоочувањето со фактот дека  цела една година нема да посетувам настава во гимназија или пак фактот дека нема да се запишам директно после матура на факултет за мене беше вооедно толку олеснувачки колку и страшно. Но после 12 години во македонскиот образовен систем, ми беше потребна пауза, пред да можам да запливам во водите на високото образование.

Tука доаѓа интересниот дел, сите овие мисли не ме спречија да го направам оваа туку ме охрабрија да го прифатам предизвикот и од оваа позиција ве охрабрувам и вас да прифатите нови предизвици, како што е на пример учество на Социјалниот ден.

Како некој што работи на организација на Социјалниот ден, ден каде што нешто повеќе од 60.000  млади луѓе од Германија,но и во други држави  ја заменуваат нивната училишна клупа за работно место, кое сами го избираат, сметам дека е нова идеја која ако делува според својата намена може да смени многу. И затоа мислам дека тоа е сосема нова перспектива за младите во нашата држава. Парите собрани од Социјалниот ден во Германија  потоа се донираат на Schüler Helfen Leben и со тоа учениците помагаат во подржувањето и финансирањето на различни проекти во Југоисточна Европа и Јордан.

Јас работам во канцеларијата на Sсhüler Helfen Leben во Neumünster, мало градче во Северна Германија и од таму заедно со уште 6 млади луѓе како мене работам на организација и координација  на Социјалниот ден на територија на цела Германија. Ние како канцеларија правиме  се што е можно повеќе за да запознаеме повеќе млади со концептот на Социјалниот ден. Визијата на Социјалниот Ден е  „Од млади за млади“. Тоа значи дека сакаме да им покажеме на младите во Германија дека можностите за образование и младински ангажман не се исти секаде и дека многу од нивните врсници не живееат во сеприфаќачки разновидни општества како Германија, па затоа битно е да се пружи помош онаму каде што се може, со цел да се подобрат пред се образовните но и многу други можности за младите во  други држави. И тоа е всушност мисијата на Социјалниот ден – работењето еден ден за своите врсници, кои имаат ограничени права во нивните држави. Тоа е онаа што не мотивира нас како организација но и како волонтери да работиме на организацијата на овој ден од комуникацијата со училиштата па се до одењето во различни училишта и презентирањето на идејата зад Социјалниот Ден. Позицијата на која што јас работам е токму таа „Регионална координација“ односно претставувањето на  Социјалниот ден во различни училишта низ цела Германија.  Тоа значи дека поголемиот дел од мојата волонтерска година ја поминувам одејќи од едно  место на друго и држејќи презентации и работилници на тема Социјален ден и проектите кои ги подржуваме преку Социјаниот ден, кој во Германија ќе се оддржи на 18 Јуни 2020 година, но некои училишта ја имаат можноста да си изберат посебен ден, на кој што сакаат да го организираат настанот.

Од лично искуство знам дека во Германија Социјалниот Ден има суштинско значење за учениците бидејќи со еден ден работа секоја година се собира пред се работно искуство но и  околу 1,1 милон евра кои подоцна се користат за финансирање на младински проекти како што е проектот за Social Day во Младите можат, што значи дека младите во Германија го подржуваат и ширењето на Социјалниот ден во различни држави. Но исто така се подржуваат и проекти  проекти во Јордан  кои работат со мигранти од Сирија и проекти во Југоисточнаевропа кои помагаат со реинтеграцијата на Ромите во општеството. Но, секаде каде што се потенцираат потребите на младите во таа држава.

Младите во Гермнанија се заинтересирани за карактерот на проектите кои ги подржуваме и им претставува предизвик да учествуваат на Социјалниот ден, запознавајќи се со процесот на активно работење во голем број на фирми, знаејќи дека со тоа ќе бидат солидарни и ќе имаат позитивно влијание, во различни држави кои не се економски, политички ниту социјално организирани како Германија.

Социјалниот ден е мнoгу важен настан, бидејќи и покажува на цела Европа , но и на меѓународно ниво дека младите имаат моќ и дека можат да превземат одговорност и да бидат самостојни. Тоа е нешто што на мене порано како гимназијалец од Скопје ми беше прилично непознато. Но со почетокот на мојата волонтерска година, тоа се смени. Сега се наоѓам на крајот на мојата волонтерска година, самостојна сум, и имам новоизграден  став кон работата и волонтирањето. Вооедно станав по сигурна во секој аспект од мојот живот и се стекнав со искуства кои никогаш нема да ги заборавам.

Затоа мислам дека е многу важно младите да волонираат во било каква форма но и да бидат дел од Социјалниот ден, бидејќи така можеме да го подобриме општеството во кое живееме.

Social DayПрочитај повеќе за проектот на Младите можат Стани промотерПромовирај ја идејата за Social Day како Нина