Нашето четиригодишно искуство во спроведување и поддршка на иницијативи за промовирање на важноста на менталното здравје на младите и сите предизвици со кои се соочивме, ја истакнаа потребата да се влијае на темата преку сеопфатен систематски пристап. Иако темата почнува да се актуелизира кај младите, таа е се уште табу за поширокото општество. Причините за ваквите согледувања може да се најдат во различните средини кои ги опкружуваат младите.
Проектот “Ментално здравје – сега е моментот” е осмислен да го промени токму ова, преку неговите активности ќе се обидеме да ја подобриме соработката помеѓу различните засегнати страни во граѓанското општество за промовирање на важноста и потреба за грижа за менталното здравје на младите како основна компонента на личниот раст и развој.
Специфични цели на проектот се:
-Зголемување на соработката меѓу граѓанските организации за подигнување на свеста за важноста на менталното здравје на младите преку спроведување на консултативни конференции на национално ниво и создавање на документ за јавна политика за ментално здравје со препораки, како долгорочен механизам за воспоставување на програма за ментално здравје во средно формално образование.
– Стекнување на систематизирани информации за состојбата во која се наоѓаат младите во однос на пристапот до психолошка помош.
Во склоп на проектот ќе се организираат 6 настани и тоа:
- Kick-off панел дискусија – “Влијанието на различните средини врз менталното здравје на младите”
- Главната цел на настанот е да се подигне свеста за важноста на влијанието на образовниот систем, семејството и врсниците врз развојот на младите преку споделување на знаењето на експертите.
- Четири регионални настани „Разговори за ментално здравје“ во Скопје, Битола, Штип и Гостивар
- Овие настани се во неформален амбиент и учесниците ќе имаат можност преку принципот на world café, во мали групи, да разговараат на темата од 4 различни аспекти. Потоа, сите учесници ќе дискутираат за ставовите на сите поединечни групи и ќе донесат заеднички заклучок. Врз основа на заклучоците експерт ќе изработи документ за јавна политика кој ќе содржи мерки и предложени пристапи за донесителите на одлуки кои го засегаат менталното здравје на младите.
- Завршна конференција за претставување на документот за јавни политики и промоција на резултати
- На оваа конференција ќе бидат претставени резултатите од активностите на проектот и документот за јавна политика.
Со овој проект ќе воведеме новина во граѓанскиот сектор на национално ниво, ќе претставиме тема што е од особено значење за младите и заедно ќе лобираме за системска и долгорочна промена.
“Ментално здравје – сега е моментот“ е проект кој Здружението на граѓани Младите можат во партнерство со Y-peer Македонија, го спроведува како дел од Еразмус плус програмата поддржана од Европската Унија.