Младите Можат како организација е препознатлива по своите напори за актуелизација на темата ментално здравје. Но, ајде да направиме ретроспектива како се започна и што се е направено и постигнато на тема МЕНТАЛНО ЗДРАВЈЕ.
Пред околу 4 години зборувајќи за предизвиците со кои се соочуваат младите сосема случајно ја споменавме и темата ментално здравје. Се почна од моментот кога сфативме дека ментално здравје во нашето општество веднаш се асоцира со ментални состојби и болести. Во истиот период и нашите членови почнаа да зборуваат на темата, се почесто се појавуваше предизвикот стигма за менталното здравје во иницијативите на нашите членови.Од секојдневниот контакт со многу млади сфативме дека појавата на менталните состојби како депресија и анксиозност е се почеста кај младите што не алармираше дека е време да зборуваме и да промовираме нега и грижа за менталното здравје за да ги превенираме ваквите состојби.
10-ти Октомври; Светски ден на менталното здравје- има за цел да ја подигне свеста за проблемите со менталното здравје и да мобилизира напори за поддршка на менталното здравје. Сите засегнати страни што работат на прашања поврзани со менталното здравје треба да зборуваат што треба да се направи за грижата за менталното здравје да стане „секси“ тема за зборување.
Најавата на неколку наши иницијативи и кампањи за промоција на важноста од грижа за менталното здравје навистина наиде на супер одзив од младите, особено од средношколците. Наеднаш стана “секси” да се зборува за ментално здравје, што беше голем мотив за нас да продолжиме да размислуваме за поструктуриран пристап. Немаше потреба да ги натераме младите да зборуваат за ментално здравје, бидејќи нашиот мотив за работа на оваа тема произлезе токму од нив. Младите јасно и гласно ги промовираа предизвиците за менталното здравје. Нашата улога беше да го продолжиме гласот на младите, да ги поддржиме и да им понудиме структура преку која ќе можат да дејствуваат. Секако знаевме дека предизвикот ќе биде во слушањето од страна на другите актери во општеството кои треба да ги поддржат младите, но Ковид пандемијата ни даде добра лекција на сите дека менталното здравје треба постојано да биде во фокусот.
Што прави Младите Можат за подобрување на менталното здравје на младите?
Врснички едукации и работилници
YOU(th) CAN DO IT BETTER! беше проект кој имаше за цел да им понуди на младите платформа за личен и професионален развој, себеспознавање, себереализација и станување на најдобрата верзија од себеси. Да им овозможи да станат способни и решителни млади луѓе кои се справуваат со секојдневните предизвици со кои животот не напаѓа, да се развијат во агенти на позитивни промени, односно да станат врснички едукатори кои гласно ќе зборуваат за важноста на негувањето на нашето ментално здравје.
Преку овој проект ја обучивме и првата генерација на врснички едукатори за ментално здравје. Низ едногодишен процес на стекнување на знаења за ментално здравје и креирање на дисеминаторска програма за ментално здравје, тие успеаа на своите врсници преку интерактивни работилници да им ја доближат важноста за грижата за менталното здравје. Првата генерација на врснички едукатори спроведуваа работилници во 4 средни училишта во град Скопје.
Преку спроведување на овој проект, се соочивме со недостаток на статистика за проблеми поврзани со менталното здравје кај нас, и решивме да го спроведеме и првото истражување за перцепции на средношколците за менталното здравје. Резултатите што ги добивме беа навистина разочарувачки, но сепак ни ја дадоа насоката и потребата да почнеме да работиме на застапување на воведување на теми и програми за ментално здравје во средното образование.
Половина од испитаниците (55,5%) сметаат дека менталното здравје е табу тема во нашата држава, односно постои стигма. Од испитаниците коишто сметаат дека менталното здравје е табу тема во Македонија, како најзначаен фактор за оваа состојба го издвојуваат стравот од неразбирање и неприфаќање (41,3%). За 21,2% од испитаниците кои го одговориле ова прашање најважен фактор е немањето едукација на темата ментално здравје.
Бидејќи првата генерација на врснички едукатори беше навистина успешна, одлучивме дека треба да го продолжиме процесот и да обучиме втора генерација на врснички едукатори. Во тој момент започна да се влошува епидемиолошката состојба во нашата држава, како последица на КОВИД-19 пандемијата, па токму затоа моравме целиот процес на обучување и спроведување на работилници да го прилагодиме на тие услови. Втората генерација беа врснички едукатори за ментално здравје во услови на пандемија. Тие беа обучени како преку онлајн работилници да ја зголемат свеста за менталното здравје и да им помогнат на своите врсници да се грижат за менталното здравје во услови на пандемија.
Дискусии и трибини
МЕНТАЛНО ЗДРАВЈЕ-СЕГА Е МОМЕНТОТ е проект кој се спроведува како дел од Еразмус плус програмата поддржана од Европската Унија. Целиот процес има за цел да ја подигне свеста за важноста на влијанието на образовниот систем, семејството и врсниците врз развојот на младите преку споделување на знаењето на експертите и собирање на информации преку тркалезна маса. Бидејќи најголем дел од активностите кои ги имавме спроведувано до тогаш беа на територија на град Скопје, ја увидовме потребата за проширување на темата ментално здравје и во другите градови низ нашата држава. Скопје, Битола, Штип и Гостивар се градовите каде се одржуваа јавните дискусии „Влијанието на различните средини врз менталното здравје на младите’’. Преку овие дискусии, млади, родители, професори, психолози, младински работници и други засегнати страни добија можност да го кажат своето мислење на тема ментално здравје. Овие настани беа во неформален амбиент и учесниците имаа можност преку принципот на world café, во мали групи, да разговараат на темата од 4 различни аспекти. Потоа, сите учесници дискутираа за ставовите на сите поединечни групи и донесоа заеднички заклучок. Врз основа на заклучоците експерт ќе изработи документ за јавна политика кој ќе содржи мерки и предложени пристапи за донесителите на одлуки кои го засегаат менталното здравје на младите.
Менталното здравје не може да биде изолирано од целокупното здравје, менталното здравје има многу аспекти, а најважни се психолошкиот, социјалниот и емоционалиот аспект. Кога се чувствуваме ние пријатно во сите тие аспекти тогаш имаме добра грижа за нашето ментално здравје. Но, тоа не значи дека ние не чувствуваме непријатности, клучот е во тоа ние да знаеме како да ги канализираме тие непријатности за да не си наштетиме на себе си и на околината.- вели д-р Марија Котевска-Димовска, панелист на регионалниот настан во Битола.
ЌЕ ТЕ ПРАТАМ КАЈ ПСИХОЛОГ-КАЗНА,ЗАКАНА ИЛИ ПОДДРШКА? беше завршен настан на проектот YOU(th) CAN DO IT BETTER!, а воедно и панел дискусија која имаше за цел да поттикне дискусија за улогата на училишните психолози во негувањето на менталното здравје кај учениците, да се презентираат наодите од истражувањето за перцепциите на средношколците поврзани со менталното здравје, како и резултатите од програмата за врсничка едукација за менталното здравје. На дискусијата, како панелисти говореа училишни психолози и млади. Сакавме да го слушнеме мислењето и видувањето за менталното здравје и од двата аспекти. Притоа, сите присутни беа запрашани дали училишните психолози им помагаат во негување на нивното ментално здравје, на што добивме одговор дека посетата кај училишниот психолог најчесто ја доживуваат како еден вид на казна.
Иницијативи и проекти
Кога станува збор за промоција и актуелизација на темата ментално здравје, нашите членови се најактивни. Нивниот ентузијазам и желба да променат нешто се навистина големи. Тие сакаат да им помогнат на младите преку едукација да дознаат повеќе за менталното здравје.
Во рамки на активното членство на Младите Можат, имаме програма за ментално здравје во која учество земаат повеќе од 20 млади. Тие секојдневно се подготвени да вложуват енергија и напори за да ги отргнат стигмите кои постојат за менталното здравје во нашето општество. Тие се свесни дека единствено преку едукација и интерактивни работилници ќе успеат да им го доближат терминот ментално здравје на младите, а со самото тоа да направат и големи промени во општеството.
КАТЧЕ ЗА МЕНТАЛНО ЗДРАВЈЕ организираа активните членови кое беше слободно, отворено и сигурно за сите млади да можат да се изразат и да дискутираат со врсниците за грижата за менталното здравје. Идејата за катчето за ментално здравје беше да биде на широка лединка во градскиот парк во Скопје, во приквечерината кога ќе поминат летните горештини, се со цел да се постигне убава и опуштена атмосфера која ќе дава чувтсво на сигурност. Се работеше на повеќе теми, како што се грижата за нашите емоции и чувства, како ги изразуваме, како да се грижиме за нашите врски и односи, како да негуваме здрави врски, какви промени ни се случуваат и како тие влијаат на нас, што е тоа што најмногу не загрижи за време на пандемијата, а што е тоа за што сме загрижени денес,… и многу други теми кои произлегоа од учесниците.
МАРАТОН ЗА МЕНТАЛНО ЗДРАВЈЕ е иницијатива која произлезе од нашите членови, а заедно со Извршната канцеларија успеавме успешно да го реализираме. Во услови на пандемија, кога сите бевме затворени и ни беа ограничени активностите, ние продолживме со актуелизација на темата ментално здравје. Во маратонот за ментално здравје имавме: инста психолог, онлајн работилници за ментално здравје, формиравме book и movie клуб, креиравме едукативни видеа. Овие активности ги реализиравме се со цел да им помогнеме на младите полесно да се соочат со новонастанатата ситуација.
Не застануваме тука. Младите Можат продолжува и понатаму да ги едуцира младите на тема ментално здравје. И во наредниот период ќе обучиме нова генерација на врснички едукатори. Ветуваме дека какви и да бидат условите, ние нема да застанеме со нашата мисија да го популаризираме терминот ментално здравје. Во наредниот период подготвуваме многу новитети поврзани со менталното здравје, а еден од нив е Дневникот за ментално здравје.
И, да, многу е „секси“ кога се зборува за менталното здравје. Запамети го тоа!