Во рамки на проектот „Поврзани во криза: Млади што градат отпорност и заедништво“, поддржан од Владата на Швајцарија преку Цивика мобилитас, беше спроведено истражување со млади, родители и претставници на институции и организации, со цел да се согледаат потребите, предизвиците и подготвеноста за справување со кризни ситуации.
Резултатите покажуваат дека кризите имаат значително влијание врз младите, при што 53,4% пријавуваат негативно влијание врз менталното здравје, а 53,2% сметаат дека кризите ја ограничуваат нивната социјална интеракција. Воедно, 67% од младите, 64% од родителите и дури 82% од институциите ја препознаваат психолошката поддршка како најважна потреба во кризни услови.
Истражувањето укажува и на ниска доверба во институциите, при што над 70% од родителите изразуваат мала или никаква доверба, а и самите родители (1,7) и институциите (2,1) ниско ја оценуваат способноста на системот да ги препознае потребите на младите. Од друга страна, училиштата (79%) и младинските центри (68%) се препознаени како места каде младите најлесно можат да добијат поддршка.
Позитивен наод е што 56,9% од младите изразуваат подготвеност да волонтираат во кризни ситуации, најчесто мотивирани од желбата да ѝ помогнат на заедницата (50%). Сепак, тие ја истакнуваат личната безбедност, недостатокот на опрема и потребата од обука како главни предуслови за нивно активно вклучување.
Истражувањето покажува јасен консензус меѓу младите, родителите и институциите дека за ефикасно вклучување на младите во кризни ситуации се неопходни обуки, јасни протоколи и правила, како и соодветна поддршка, менторство и безбедни услови за дејствување. Овие наоди ќе послужат како основа за понатамошно креирање препораки и механизми за градење поотпорни заедници и посилна меѓусекторска соработка.
Дисклејмер: Содржината на оваа објава е единствена одговорност на Младите можат и Супортко Кочани и на ниту еден начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на Владата на Швајцарија, Цивика мобилитас, или организациите што ја спроведуваат.