Анализа на потреби, перцепции и добри практики

Share this post on:

Кризите – без разлика дали станува збор за природни непогоди, здравствени кризи или други вонредни состојби – имаат значително влијание врз животот, благосостојбата и можностите на младите. Токму затоа беше изработена Анализата на потребите, перцепциите и добрите практики за работа со млади во услови на кризи, која обезбедува сеопфатен увид во потребите на младите, постојните институционални капацитети и можностите за унапредување на системот за поддршка во Северна Македонија. Анализата претставува основа за развој на поефикасни политики, практики и протоколи кои ќе овозможат навремена, координирана и инклузивна поддршка за младите во сите фази на една криза.

Истражувањето е спроведено преку комбиниран методолошки пристап кој вклучува анализа на законската и институционалната рамка, компаративна анализа на добри европски практики, онлајн анкети со 450 млади, 100 родители и старатели и 100 претставници од институции и организации, како и интервјуа со експерти и фокус групи со млади. Ваквиот пристап овозможува детално согледување на потребите, предизвиците и можните решенија од повеќе перспективи.

Што покажува анализата?

Резултатите укажуваат дека 86,1% од младите веќе биле погодени од некаква кризна ситуација, при што најчесто искуство е пандемијата, а потоа следуваат земјотреси, пожари, поплави и социо-економски кризи. Овие настани оставаат сериозни последици врз секојдневниот живот на младите, особено во однос на нивното ментално здравје, социјалните контакти, образованието и чувството на сигурност.

Како најважни потреби во услови на криза, младите ги издвојуваат:

  • психолошка и психосоцијална поддршка;
  • навремени, точни и доверливи информации;
  • безбедни простори за дружење, поддршка и поврзување;
  • едукативни и културни активности кои придонесуваат за полесно справување со кризите.

Овие приоритети во голема мера ги потврдуваат и родителите, како и претставниците на институциите и организациите, што покажува дека постои широк консензус околу најважните потреби на младите во кризни ситуации.

Анализата исто така покажува дека младите не се чувствуваат доволно подготвени за справување со кризи, а родителите имаат уште пониска доверба во нивната подготвеност. Дополнително, постои ниско ниво на доверба во институциите и перцепција дека системот не ги препознава навремено потребите на младите. Како главни предизвици се издвојуваат недоволната координација помеѓу институциите, ограничените ресурси, недостигот од обучен кадар и отсуството на јасни механизми за активно вклучување на младите во кризни ситуации.

Зошто е важна оваа анализа?

Анализата потврдува дека младите не треба да се гледаат само како корисници на поддршка, туку и како активни чинители кои можат значајно да придонесат во превенцијата, реакцијата и закрепнувањето по кризни ситуации. Истовремено, таа укажува на потребата од поголема интеграција на младинските центри и младинските организации во системот за управување со кризи, воспоставување јасни механизми за координација, подобрување на психосоцијалната поддршка и создавање безбедни услови за младинско волонтирање.

Преку своите наоди и препораки, оваа анализа претставува важна основа за развој на политики и практики кои ќе придонесат кон создавање поотпорни заедници, поефикасен систем за поддршка и поголемо учество на младите во справувањето со идните кризни ситуации.

Проектот „Поврзани во криза: Млади што градат отпорност и заедништво“ се реализира од страна на Младите можат и Супортко Кочани, а поддржан од владата на Швајцарија преку Цивика мобилитас.

Дисклејмер: Содржината на оваа објава е единствена одговорност на Младите можат и Супортко Кочани и на ниту еден начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на Владата на Швајцарија, Цивика мобилитас, или организациите што ја спроведуваат.