Тест-симулација на Национален протокол во Битола („Поврзани во криза: Млади што градат отпорност и заедништво“)

Share this post on:

На 15 јуни, во просториите на Младинскиот центар „Сфера“ во Битола, успешно се реализираше тест-симулација за тестирање на Националниот протокол за справување со кризи, со учество на млади и претставници од Скопје, Кочани, Битола, Струмица и Гостивар

Активноста беше организирана со цел практично да се тестира функционалноста на протоколот, како и да се провери неговата применливост во различни кризни сценарија преку интерактивен и партиципативен пристап. Наместо класична симулација, учесниците беа вклучени во специјално дизајнирана друштвена игра, која преку реални сценарија и предизвици ги стави во улога на носители на одлуки и актери во процесот на управување со кризи. 

Во текот на тест симулацијата, учесниците работеа во тимови, анализираа различни ситуации, носеа заеднички одлуки и развиваа стратегии за координирано и навремено справување со кризни настани. Преку овој процес тие имаа можност да ги применат принципите и механизмите предвидени во Националниот протокол, истовремено идентификувајќи ги неговите предности, како и можните предизвици при неговата практична имплементација. 

Посебна вредност на тест симулацијата беше можноста за размена на искуства и перспективи меѓу учесниците од пет различни градови, што придонесе кон подлабоко разбирање на важноста на меѓусекторската соработка, ефективната комуникација и навремената координација во услови на криза. Интерактивниот формат на друштвената игра поттикна активно учество, критичко размислување и заедничко решавање на проблеми, овозможувајќи им на учесниците на практичен начин да стекнат нови знаења и вештини. 

Тест‑симулацијата претставува значаен чекор во процесот на евалуација и понатамошно унапредување на Националниот протокол за справување со кризи. Истовремено, таа ја нагласува важноста од активно вклучување на младите во процесите на подготовка, превенција и реагирање при кризни состојби, придонесувајќи кон градење поотпорни, поинформирани и подобро подготвени локални заедници. 

Проектот „Поврзани во криза: Млади што градат отпорност и заедништво“ се реализира од страна на Младите можат и Супортко Кочани, а поддржан од владата на Швајцарија преку Цивика мобилитас.

Дисклејмер: Содржината на оваа објава е единствена одговорност на Младите можат и Супортко Кочани и на ниту еден начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на Владата на Швајцарија, Цивика мобилитас, или организациите што ја спроведуваат.