Учењето од традицијата и природата отвора нови можности за креативност и претприемништво!
Ви ја претставуваме соработката со Елена, која стои зад „Дарови од природата | Плетени приказни“ и која ги отвори вратите на својата работилница за учесниците на проектот StartItUp: Rural Youth Entrepreneurship Accelerator.
Преку оваа посета, младите имаа можност одблиску да се запознаат со традиционалните техники на плетење, да научат како се создаваат рачни изработки, но и како од природни билки се подготвуваат масла и тинктури. Билките се собираат во дивината, на полињата и во околината на селото, а потоа се претвораат во природни производи со посебна вредност.
„Дарови од природата | Плетени приказни“ е мал семеен бизнис создаден со љубов кон природата, традицијата и рачната изработка, во село Луково, на планината Јабланица. Создава рачно изработени билни производи од локалните растенија, како и уникатни плетени производи изработени со техника на плетење со една игла. Преку нејзината работа ги поврзува природните богатства на Јабланица, традиционалните вештини и автентичните приказни од руралниот живот.
Ова искуство им овозможи на младите да откријат како знаењето, креативноста и ресурсите што ги нуди локалната средина можат да се преточат во автентични производи и одржливи бизнис идеи.
Ваквите приказни се потсетник дека руралните средини кријат богатство од знаење, традиција и неискористен потенцијал, кој може да стане основа за нови претприемнички можности.
Голема благодарност до Елена за гостопримството, споделеното знаење и инспирацијата, како и за нејзиниот придонес во поттикнувањето на младите да ги препознаат можностите во својата локална средина!
Проектот е дел од програмата BOOST Balkans, имплементирана од ALDA Europe со финанскиска поддршка од AFD France во Република Северна Македонија координиран од ALDA Balkans.







