„Поврзани во криза – Млади што градат отпорност и заедништво“ е проект кој се реализира во партнерство помеѓу Младите можат и Супорт Кочани, со поддршка од Владата на Швајцарија преку програмата Цивика мобилитас.
Проектот има за цел да придонесе кон воспоставување на национален протокол за управување со кризни ситуации, кој ќе ја препознае и ќе ја зајакне улогата на младите како активни чинители во подготовката, одговорот и закрепнувањето од кризи.
Во рамки на проектот беше спроведено сеопфатно истражување и анализа на состојбата со младинските центри и нивните капацитети за управување со кризи. Истражувањето ги опфати и ставовите и искуствата на младите, родителите и релевантните институции, со цел да се добие реална слика за постојните предизвици, потреби и можности за подобрување на координацијата и подготвеноста.
Дополнително, беше реализирано квалитативно истражување преку фокус групи, кое овозможи подлабоко разбирање на искуствата, очекувањата и препораките на различните засегнати страни.
Врз основа на собраните податоци беше формирана експертска работна група составена од претставници на институции, граѓански организации и експерти од областа. Работната група одржа четири работни средби, како и финална средба посветена на усогласување и финализирање на Националниот протокол.
За да се провери применливоста на предложените механизми, протоколот беше тестиран преку тест-симулација организирана на 15 јуни во Битола, користејќи интерактивна друштвена игра која симулираше различни кризни сценарија. Овој пристап овозможи практична проверка на протоколот, препознавање на можните предизвици при неговата примена и прибирање препораки за негово понатамошно унапредување.
Проектот претставува значаен чекор кон развој на поотпорни локални заедници, во кои младите се препознаени како активни чинители во креирањето решенија и градењето системи за поефикасно справување со кризни ситуации.
Дисклејмер: Содржината на оваа објава е единствена одговорност на Младите можат и Супортко Кочани и на ниту еден начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на Владата на Швајцарија, Цивика мобилитас, или организациите што ја спроведуваат.