Со повеќедецениско искуство, Сковин претставува спој на традицијата и современите технологии во производството на вино.
Во рамки на проектот StartItUp: Rural Youth Entrepreneurship Accelerator, наш учесник имаше можност да оствари job shadowing искуство во соработка со Винарија Сковин, каде одблизу се запозна со лозарството и неговата поврзаност со агрокултурата и винската индустрија. Преку ова искуство, дозна повеќе за одгледувањето винова лоза, различните сорти грозје, значењето на квалитетното производство и процесите што го поврзуваат лозарството со понатамошната преработка и пласман на производите.
Ваквите практични искуства им овозможуваат на младите да го прошират своето знаење за земјоделството, да ги препознаат можностите за развој на агробизниси и да ја увидат важноста на современите пристапи во традиционалните земјоделски дејности.
Винаријата Сковин е основана во 1979 година во Скопје, според француски проект, а изградбата и инсталацијата на опремата биле изведени од француски инженери и технолози.
Името Сковин е комбинација од зборовите Скопје и винарија. Во периодот на поранешна Југославија, Сковин главно произведувал наливно вино за пазарите во Југославија, Европа и Америка.Сковин е првата винарија во Македонија што засадила сорта Сира (Шираз), откако анализите покажале дека скопскиот регион е погоден за нејзино одгледување.
Исто така, била првата македонска винарија што вовела органско производство на грозје и современа технологија за производство на црвени вина.
Во 2000 година започнал процес на модернизација на винаријата, со набавка на нова опрема и обновување на лозовите насади.
Во 2003 година, во Сковин било произведено првото пенливо вино во Македонија, од сортата Шардоне, со примена на традиционалниот метод.
Сковин била првата винарија во Македонија што го добила IFS сертификатот за безбедност и контрола на квалитетот на производите.
Денес, винаријата ги комбинира традиционалните македонски сорти, како Вранец и Смедеревка, со интернационални сорти, меѓу кои Шардоне, Каберне Совињон, Мерло и Совињон Блан.
Сковин е еден од водечките извозници на наливно вино во Јапонија и има добиено бројни меѓународни награди.
Во 2019 година, винаријата се трансформирала во компанијата WINERY SKOVIN GROUP Скопје.
Голема благодарност до Винарија Сковин за отвореноста, гостопримството и поддршката на младите претприемачи!
Проектот е дел од програмата BOOST Balkans, имплементирана од ALDA Europe со финанскиска поддршка од AFD France во Република Северна Македонија координиран од ALDA Balkans.




