Младите се меѓу најпогодените групи во услови на кризи, но истовремено претставуваат важен ресурс за поддршка, солидарност и отпорност на заедницата. Протоколот за работа со млади во услови на кризи воспоставува рамка за безбедно, координирано и ефикасно делување на младинските центри, младинските организации и институциите.
Цел на протоколот
Протоколот има за цел да обезбеди:
- навремена поддршка и заштита на младите;
- пристап до точни информации и соодветни услуги;
- активно и безбедно вклучување на младите во кризни ситуации;
- подобра координација помеѓу младинските организации, институциите и локалната заедница.
Клучни принципи
Работата со млади во услови на криза се темели на:
- безбедност и принципот „не прави штета“;
- почитување на човековите права и доверливоста;
- недискриминација и инклузија;
- активно младинско учество;
- етичко и безбедно волонтирање;
- координација со надлежните институции.
Три фази на делување
Протоколот ги организира активностите во три меѓусебно поврзани фази:
1. Пред криза – Подготвеност
Подготовка на младите и организациите преку едукација, проценка на ризици, воспоставување комуникациски канали, развој на безбедни простори и механизми за координација.
2. За време на криза – Реакција
Обезбедување навремени и проверени информации, психосоцијална поддршка, безбедни простори, упатување до соодветни служби и организирање на младински волонтерски активности во согласност со проценетите ризици.
3. По криза – Закрепнување
Поддршка за психосоцијално закрепнување, реинтеграција во образованието и заедницата, евалуација на активностите и јакнење на отпорноста за идни кризни ситуации.
Улогата на младите
Протоколот ги препознава младите во две улоги:
- како корисници на поддршка и услуги, кои имаат право на заштита, информации и психосоцијална поддршка;
- како активни учесници и волонтери, кои преку соодветна обука и координација можат безбедно да придонесат во справувањето со кризите.
Зошто е важен?
Со воспоставување јасни стандарди, улоги и механизми за координација, протоколот придонесува кон создавање поотпорни младински организации, подобро подготвени локални заедници и посилен систем за поддршка на младите во сите фази на една криза.
Проектот „Поврзани во криза: Млади што градат отпорност и заедништво“ се реализира од страна на Младите можат и Супортко Кочани, а поддржан од владата на Швајцарија преку Цивика мобилитас.
Дисклејмер: Содржината на оваа објава е единствена одговорност на Младите можат и Супортко Кочани и на ниту еден начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на Владата на Швајцарија, Цивика мобилитас, или организациите што ја спроведуваат.