Младинското учество не е цел сама по себе, туку начин за остварување на позитивни промени во животите на младите луѓе за подобро општество”

Во периодот септември-ноември 2015 година, „Младите можат” и „Фондација Конрад Аденауер”, во соработка со СУГС Никола Карев го спроведе првиот пилот-проект за зајакнување и градење на капацитетите на постоечката Училишна заедница на гимназијата „Никола Карев” во Скопје. Потребата за овој проект потекнува од слабото и неструктурирано ниво на средношколското организирање и учество во процесите на носење одлуки.

Целта на проектот е да се поттикнат учениците самите да развијат функционален и одржлив модел на Училишна заедница предводена од самите нив, која ќе послужи како модел за останатите средни училишта во државата.

Во овој проект учествуваа 25 ученици претставници на Училишната заедница.
Учениците како дел од овој проект поминаа низ три фази.

Првата фаза опфати три дводневни обуки.

  • МОДУЛ 1 – “Младинско учество и младински политики” 02 и 03 октомври
  • МОДУЛ 2 – “Застапување и лобирање” 09 и 10 октомви
  • МОДУЛ 3 – “Симулација за функционирање на Училишната заедница” 30 и 31 октомври

Преку трите модули учесниците можеа да научат: како учеството влијае врз младите и општеството; колку се младите вклучени во општествениот живот во Македонија и како функционираат училишните заедници во Македонија но дискутираа за процесите на носење на одлуки во учелиштето. Преку интерактивни предавања и дискусии се стекнаа со вештини за лобирање и застапување, преговарање, аргументирање и подготвување барање за на крајот одблизу да се запознаат со начинот на функционирање на УЗ и неговата поставеност во однос на другите засегати страни во училиштето.

Втората фаза се одвиваше од 13-16 ноември во хотел Срна – Маврово. Беше организиран завршниот настан во рамките на овој прв пилот проект-стратешко планирање на Училишната заедница.
Низ 4 дневни интензивни сесии кои опфатија индивидуална и групна работа, учениците креираа предлог модел за целокупното функционирање на Училишната заедница, кој опфати: дефинирана визија; дефинирана мисија; приоритети на делување; цели на делување; процедури за работа и акциски план.

Во третата фаза, учесниците остваруваат консултативни средби со сите засегнати страни, односно: директорката и помошник директорката на училиштето, наставничкиот совет и учениците на СУГС Никола Карев, за негово финализирање.
Се на се, овој проект за средношколците претставува едно огромно искуство од кое стекнаа и научија многу вештини и знаење кои ќе им користат како во нивната Училишна заедница, така и во понатамошниот живот.

Проектот имаше огромно влијание врз самите учесници. За тоа говорат и нивните изјави:

“Научивме дека понекогаш колку и да е тешко, ако сме доволно упорни и сложни, секоја наша замисла, цел , потреба , визија , мисија не е неостварлива , научивме дека препреките се дел од патот кон успехот , и дека токму тие ни ги покажуваат нашите недостатоци и посочуваат каде треба да се подобриме, за на самиот крај со насмевка на лицето слободно отфрлувајки ги сите наши стравови да кажеме дека сме успеале во она што силно сме го посакувале.”

“Преку одржаните модули, симулации, обуки, совети сфативме колкав потенцијал и енергија се крие во самите нас. Иако на моменти можеби беше исцрпувачки и напорно , стекнатото искуство и знаење е непроценливо.”

“Беше многу интересно, едукативно, стекнав огромно искуство и ми даде инспирација за да се приклучам и во други вакви настани. “

„Од визија и мисија до акциски план, многу продуктивно и корисно искуство како во рамките на училиштето, така и за секојдневните предизвици, проследено со одлична дружба, и напорна работа.“

“Преку пронаоѓање на вистинскиот пат, со правилни одлуки и соработка, применувајки го сето ова знаeње, ние ќе бидеме оние кои ќе бидат победници, ние ќе бидеме оние чие мислење ќе допре до ушите на училишните служби и пошироко, ние ќе бидеме оние кои директно ќе влијаат врз одлуките во училиштето кој ги чувствуваме на сопствена кожа, ние ќе бидеме оние кои ќе направат позитивни промени во училиштето и надвор од него. Бидејки ние можеме!”