vkluci se prepoznaj deluvaj

Вклучи се, препознај, делувај!

Здружението на граѓани Младите можат во соработка со Фондацијата Конрад Аденауер, започна со имплементирање на проектот „Вклучи се, препознај, делувај!“. Проектот ќе биде реализиран во периодот февруари- мај 2015 година.

Целта на проектот е да се шират вредностите на ЕУ и да се придонесе кон приоритетите на Стратегијата за млади на ЕУ (2010- 2018), поконкретно во областите на граѓанско вклучување, едукација и волонтеризам. Проектот исто така цели кон зголемување на интеркултурната соработка меѓу младите во средните училишта во Македонија.

Проектот ќе опфати три средни училишта, со мешан етнички состав, на територијата на град Скопје.

Неформалните методи на образование ќе бидат главните алатки употребени во проектот. Учениците ќе имаат можност да се запознаат со вредностите на ЕУ и со придобивките од нивно вклучување во граѓанскиот сектор.

Вкупно 75 млади ќе добијат можност да работат во мешани тимови директно на решавање на проблеми кои тие самите ќе ги детектираат за време на тренингот. На овој начин учесниците ќе можат да ти применат вештините кои ги стекнале и да влијаат на локално ниво.

Очекувано е тренингот, од една страна да ги зближи учениците од различни етнички и религиски позадини и од друга страна да ја зголеми мотивацијата и компетенцијата кај младите, а како последица на тоа тие да станат активни во својата заедница, прифаќајќи ги вредностите на ЕУ во однос на граѓанското вклучување, едукација и волонтеризам.