Тренинг – Сврти го тркалото на волонтирање и освој кариера

Сте почувствувале ли некогаш дека го давате најдоброто од себе да одите напред но сепак некој невидлив, супер тежок товар на вашиот грб не ви дава да се движите со посакувата брзина? Јас да, и верувам дека не сум единствената. Ја имав таа среќа да учествувам во едукативен тренинг, дел од Млади во акција програмата кој се одржа во Изола, Словенија, под име „Сврти го тркалото на волонтирање и освој кариера“. Морам да признаам дека насловот ме потсети на оние направи-сам книги како Алгебра за Dummies (не знам како да го преведам..) и првично не ја сфатив сериозно целата работа, но по неколку дена се освестив. Јас сум четвртта година средно и без разлика дали мене тоа ми се допаѓа или не реалноста ќе ми чукне на врата веднаш по завршувањето на тестовите, па можеби некој тренинг за градење на кариера добро би ми дошол. И решив да аплицирам. За моја среќа, организацијата од Македонија, Младите можат ме одбра мене заедно со една многу паметна и прекрасна девојка, Марија Филева која се погоди да е прва година факултет и да ги дели истите љубопитности со мене.

Групата се состоеше од 20 учесници и беше многу разновидна, имајќи учесници од целиот Балкан: Босна и Херцеговина, Хрватска, Србија, Словенија и секако Македонија. Покрај сите активности што ги имавме, една од нив беше да работиме во парови, да го држиме партнерот за половината и да не го пуштаме да стигне до целта, и обратно. Тоа беше тоа: сите имавме искуства што не’ држат во место но имаме и онакви што можеби држат други луѓе во место. Преку многуте работилници допревме и до темите Кариерно планирање и Советување каде научивме дека претходните искуства, особено оние што вклучуваат граѓански активизам и разни волонтерски активности се совршен извор за напредок во животот и ги зголемуваат шансите за вработување. Имавме и практични вежби каде навистина моравме да погледнеме длабоко во себе и да ги откриеме нашите внатрешни квалитети, слабости, верувања и начин на живот, да ги дефинираме истите во форма на competences (надлежности?) и објективно да согледаме што сакаме во нашите идни кариери.

Понатаму, имавме шанса да разговараме со претставник на одделот за Човекови Ресурси и двајца Heads of Departments (не знам како да го преведам..) од хотелот Life Class Hotels and Resorts, Порторож. Тие го споделија своето професионално искуство и како тие го искористиле искуството од вон школски активности во нивните успешни кариери. Софија Заклан, учесничка од Србија и јас, добивме шанса да бидеме интервјуирани за отворено работно место за рецепционерка. Добивме добар увид во тоа како да се носиме и презентираме на интервју за работа како и вредности, верувања кои ќе ни помогнат во имање успешно интервју.

Исто така, имавме шанса активно да учествуваме во проект, да се натпреваруваме во тимови за креирање на бизнис идеја која ќе му користи на живописниот град Изола. Посетивме многу младински клубови и организации во Изола и Љубљана да видиме како словенската младина фукционира и кои се активностите во кои тие најчесто се вклучуваат. Како шлаг на тортата ни дојде сесијата за Млади во акција програмата, каде научивме како функционира и кои се можностите кои ги нуди на младите ширум Европа и светот. Не’ инспирираше да го споделиме истото со нашите заедници и да инспирираме други млади луѓе да променат нешто во нивните локални заедници.

За крај, сакам да им се заблагодарам на организаторите што беа прекрасни домаќини и издржаа одлична, динамична група на млади луѓе (т.н. „црногорце са станице зоолошка“).

Сандра Костадинова