Психофизичко насилство во училиштата: реалност или табу?

12931246_1141307019215681_1618147891037926437_n

Појавата на психофизичко насилство е еден од најсериозните проблеми со кои се соочува денешното општество, појава која го загрозува психичкиот и физички развој, здравјето и добросостојбата на младите, како и нивните основни права и достоинство и истата остава долгорочни последици врз индивидуата, но и дека истата не е доволно и соодветно третирана, е генералниот заклучок донесен на јавната дискусија со наслов „Психофизичко насилство во училиштата: реалност или табу?“, која се одржа на 31.03.2016 во просториите на „Младински клуб“. Настанот беше организиран од страна на Здружението на граѓани „Младите можат“, во рамки на иницијативата „Крени глас за промена, спушти рака за насилство“.

Целта на настанот беше да развие дискусија за постоењето на сите видови на насилство во училиштата и да ги поттикне младите и воспитно-образовниот кадар да укажат на фаталните последици кои оставаат длабока трага врз жртвите и да преземат чекор за нивно искоренување.

Настанот беше од отворен карактер и се состоеше од два дела. Првиот дел претставуваше панел дискусија на која свое излагање имаа Марија Стефанова, психолог и психотерапевт во психолошкото советувалиште „Петар Пан“, Ромина Јованова, ученик во СУГС „Никола Карев“ и Гордана Блажевска- Спиридонова, професор и психолог во СУГС „Никола Карев“.

„Кога еден млад човек е изложен на насилство, има проблеми при градењето како личност, како во психолошката и емоционалната благосостојба, така и при создавањето на сликата за себеси “, напомена Марија Стефанова, како прв говорник на настанот. Марија Стефанова, во своето излагање зборуваше за последиците кои овој вид на насилство можат да настанат врз индивидуата, потенцирајќи на ниска самодоверба, депресивното расположение, самоубиствените мисли, анксиозноста, како и тешкотии при понатамошно влегување во врска. Како што изјави Марија Стефанова, оваа појава може да биде погубна за личноста, бидејќи токму тогаш ја формира сликата за себе која ја носиме цел живот .

По неа, свое излагање имаше Ромина Јованова, која ни ја претстави перспективата на ученик во средно училиште. Ромина нагласи дека најголем проблем кога станува збор за насилството во училиштата, е тоа што меѓу учениците постои мислење дека да се разговара за проблемите со психолог е нешто срамно. „Психологот постои токму за да им помогне на учениците со таквите проблеми. Меѓу учениците се шири мислењето дека на психолог се оди само кога професорите те праќаат бидејќи си бил немирен, ако направиш некоја глупост или ако имаш лоши оценки“, изјави Ромина Јованова, потенцирајќи дека постои потреба од зголемување на информираноста кај учениците за улогата на психолозите.

Како последен, но не и помалку важен говорник со свое обраќање настапи Гордана Блажевска- Спиридонова, која како психолог во средно училиште ја истакна одговорната улога на училишните служби. „Треба многу време да се прекине табуто и стигмата дека да се оди на психолог не значи дека си болен“, истакна Гордана Блажевска- Спиридонова, напоменувајќи дека сепак, состојбата во последниве години е подобрена. Дополнително, истакна дека неретко се случува насилникот да стане жртва на насилство и дека доколку некој покажува слабост, место да се разговара со него, општеството го гледа како слабак. „На некој начин ние сè уште одржуваме култура „око за око, заб за заб“, велејќи дека ако некој е жртва треба сам да се снаоѓа и дека така се станува посилен. Ни недостасува култура на емпатичност“, додаде Гордана Блажевска- Спиридонова. 

Присутните на настанот, исто така имаа можност да се вклучат во дискусијата со свои коментари и прашања до говорниците. На крајот од дискусијата можеше да се заклучи дека појавата на психофизичко насилство во средните училишта е реална состојба која се уште се третира како табу тема во нашата земја и не се преземаат доволно мерки за нејзино надминување.

Дополнително, во вториот дел од настанот, беа креирани работни групи составени од младите присутни, каде истите имаа можност да дискутираат на различни сегменти поврзани со психофизичкото насилство.

Работната група, која дискутираше за начини на превенција на психофизичко насилство, по спроведената дискусија, како главен заклучок наведе дека иако постојат одредени мерки за спречување на оваа појава во училиштата, механизмот и пристапот којшто се употребува не е соодветен. Од дискусијата и предложените мерки се дојде до заклучок дека се јавува потреба од креирање механизам во кој ќе бидат опфатени сите актери, ученици, професори, родители и училишни служби, за едукација на темата уште во најрана фаза од развитокот на децата за да постои свесност за важноста и последиците од оваа појава.

Психофизичкото насилство како појава, не е актуелна и привлечна тема и речиси воопшто не е застапено во медиумите, беше заклучокот на работната група која дискутираше за застапеноста на појавата на психофизичко насилство во медиумите. Дополнително, беше напоменето дека дури и кога се известува за оваа појава во медиумите, се користи висок степен на сензационализам и најчесто во објавите се става многу малку акцент на вистинските причини за оваа појава. Медиумите играат голема улога во креирањето на јавното мислење, па затоа е потребна поголема партиципативност во процесот на подигнување на свесноста кај пошироката јавност за постоењето и сериозноста на оваа непожелна појава, како прв чекор за надминување на истата.

Третата група, дискутираше за улогата и свесноста на родителите за постоењето на психофизичко насилство помеѓу средношколците. Работата група дојде до заклучок дека е потребна поголема информираност и едукација на родителите во врска со психофизичкото насилство. Од една страна родителите не покажуваат отвореност кон темата, не се обидуваат да истражаат што таа значи и како таа влијае врз развојот на нивните деца. Од друга страна, учениците не чувствуваат блискост за отворено да разговараат со родителите на оваа тема поради чувството на недоверба кои тие ја имааат кон нив. Се дискутираше и за тоа колку домашната атмосфера влијае врз однесувањето на децата во училишните клупи. Се дојде до заклучок дека неретно домашните проблеми на учениците знаат да бидат причина за нивното однесување во училиштето.

Од спроведените дискусии на работните групи, како финален продукт ќе бидат креирани препораки за пристапување кон појавата на психофизичко насилство, како и за превенирање на оваа појава, наменети и дисеминирани до сите засегнати страни, директно или индиректно поврзани и засегнати од оваа состојба.

Имено, иницијативата „Крени глас за промена, спушти рака за насилство“, имплементирана од Здружение на граѓани „Младите можат“ од Скопје, во соработка со Здружение на граѓани „Форум 16“ од Битола, има за цел едукација и информирање на младите за постоењто на психофизичкот онасилство помеѓу средношколците и искоренување на оваа појава.